ШВЕРЦЕРИТЕ ОСТАНАА СО КУСИ РАКАВИ Царината со голем улов, најдени накит, злато,пари, облека…
„Борбата против криумчарењето е врвен приоритет на Царинската управа, со цел да се заштити државниот буџет и да се спречи нелегалната трговија“, додадоа од Царината.
Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за криумчарење на сребрен накит во вредност од 430.880 денари. Сребрениот накит е запленет, а против едно лице е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење.
Имено, лицето во вечерните часови пред полноќ, на влезот на граничниот премин се пријавило со туѓ автомобил за кој имало одобрение за управување. Поради сомневање е селектирано за детална контрола, при што во фабричките празнини зад предните бришачи, како и во фабричката празнина зад фиоката пред совозачкото седиште, се пронајдени 387 парчиња нараквици, 134 пара обетки и 759 ланчиња.
„Нашите царински службеници внимателно постапија според процедурите за детална контрола и спречија сериозен обид за шверц на вреден накит. Ваквите случаи потврдуваат дека континуирано ја зајакнуваме контролата на границите“, изјавија од Царинската управа.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, од каде е поднесена кривична пријава.
На граничниот премин Дојран, царински службеници спречија обид за нелегален внес на девизи, при што се запленети 9.250 евра. При контрола на автомобил со странски регистарски таблички управуван од грчки државјанин, царинските службеници пронашле вкупно 19.250 евра. Согласно Законот за девизно работење, на лицето му се вратени 10.000 евра, додека останатите средства се запленети.
Во изминатиот период на граничниот премин Табановце биле спречени повеќе обиди за криумчарење на злато, лаптопи и друга вредна стока.
Во еден од случаите, странска државјанка се обидела да шверцува златен накит вреден 600.000 денари. Патувајќи како сопатник во изнајмен автомобил, таа при контрола на автомобилот ја криела стоката во својата чанта. Биле пронајдени разновидни парчиња златен накит со тежина од 200 грама, меѓу кои една круна, ланче со три монети, ланче со седум монети, две ланчиња со пет монети, ланче со единаесет монети и две нараквици. Против неа е поднесена кривична пријава.
Исто така, службата за мобилен скенер на Табановце заплени 284 парчиња облека, откако тие биле пронајдени во камион со бугарски регистарски таблички. При скенирањето на камионот се забележани неправилности, по што била извршена физичка контрола и непријавената стока била откриена.
Во друг случај, мобилен царински тим заплени 1.500 пара чорапи со логото на „Најк“, кои биле пронајдени во камион пријавен за транзит. При контрола било утврдено дека покрај уредно декларираната стока, имало и непријавена стока која не била опфатена со царински документи.
„Царинските тимови работат со најсовремена технологија и искуство за да ги откријат сите обиди за прикривање на стока и избегнување на давачки“, изјавија од Царинската управа.
Покрај овие случаи, струмичанец се обидел да внесе во државата шест употребувани велосипеди, тринаесет употребувани лаптопи, два компјутери за мотор и триесет крстачи за кардан. При контрола на комбето со кое управувал, мобилен царински тим открил дека во четири вреќи и патни торби е скриена непријавената стока. При првично прашање дали има што да пријави, лицето одговорило дека има само скара, скала, агрегат и прскалка.
На граничниот премин Табановце, скопјанец се обидел да внесе 180 парчиња различни шминки, повеќе од 40 парчиња женски шорцеви, како и разна друга стока. Царинските службеници при сомневање го селектирале за детална контрола и во патничкото комбе со кое управувал била пронајдена стоката за која требало да се платат давачки.
„Борбата против криумчарењето е врвен приоритет на Царинската управа, со цел да се заштити државниот буџет и да се спречи нелегалната трговија“, додадоа од Царината.