ШВЕРЦЕРИТЕ НА МАКА, ЦАРИНАТА ТРЕСЕ СЀ ЖИВО Заплена на 7.500 евра, 2.500 суплементи, 40 штеки, парфеми и дрога

Цигари, пари, дрога и илјадници суплементи откриени во акција на Царината, мобилните тимови на терен со серија успешни заплени.

241

Царинските службеници во изминатите денови запленија големо количество непријавена стока на повеќе гранични премини и во внатрешноста на државата.

Според податоците на Царинската управа, во акциите биле откриени 40 штеки цигари, пет грама марихуана, 2.700 ќесички со суплементи, 17 парфеми, 7.500 евра, 600 пакувања со вештачки трепки, 35 литри алкохолни пијалоци и друга нелегално пренесувана стока.






На Меѓуградската автобуска станица во Скопје, при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, биле пронајдени непријавени 40 штеки цигари и 17 парфеми.

– Производите биле скриени на повеќе места во внатрешноста на автобусот, вклучително и во просторот за одмор на возачите – велат од Царината.

На граничниот премин Блаце, пак, цариниците спречија внес на пет грама марихуана, откриени при контрола на патнички кампер управуван од француски државјанин.

– Со овој случај уште еднаш покажавме дека дрогата нема да помине на македонските граници – нагласуваат од управата.

На Табановце, при претрес на возач на автобус, се откриени непријавени 9.500 евра. На лицето му биле вратени 2.000 евра, додека остатокот од 7.500 евра бил запленет.

– Парите кои не се пријавени согласно закон, се предмет на соодветна постапка – информираат од Царината.

Во друг случај на истиот граничен премин, мобилен тим со помош на скенер открил разна непријавена стока, меѓу која и опрема за уредување на домот.

На Блаце, при контрола на минибус, цариниците запленија 2.700 ќесички со суплементи „Arabesca Genitals“ и „Arabesca Slim Mix“, скриени во различни делови од возилото. Возачот изјавил дека стоката требало да ја достави во Скопје.

Во Меѓународниот аеродром Скопје, пак, при контрола на италијанска државјанка пристигната од Рим, пронајдени се 600 пакувања со вештачки трепки во нејзиниот багаж.

При контрола на стока со потекло од Турција, наменета за фирма од Гостивар, запленети се и 120 пара чорапи со ознаки на заштитена трговска марка, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.

– Нашите мобилни тимови постојано се на терен и резултатите покажуваат дека спречуваме значителен број прекршочни дела – велат од Царинската управа.

Дополнително, на премините Дојран и Табановце биле запленети 35 литри алкохолни пијалоци, употребувана пумпа, 117 парчиња облека и друга разновидна стока. Против сторителите во сите случаи се поведени соодветни постапки.

Поврзани содржини