Шуман за светец – Каракачан за епитроп!?
Возможно е Шуман да биде светец, но како, пред таа икона, ќе се крстат бугарската затруена јавност и бугарската актуелна политичка реалност? Белким не со заклетвата: невозможен е датум за почеток на преговори сѐ додека Македонците самите не се обезмакедончат!
Како што сѐ повеќе стареам, сѐ повеќе ми се „подмладуваат“ мислата и чувството од раните детски години во Црвена Вода, кога, „без опита“, рошнав во војничкиот куфер на татко ми Ристо и таму ја „набуричкав“ фотографијата со портретот на Георги Димитров, интернационален револуционер и бугарска државна глава. Тогаш и не знаев кој е на „кадрото“.
Како „информбировац од роѓења“ (1949) мислев дека е тоа некој од Голи Оток, бидејќи, тие години, таму беше соселанецот Стојмир Јорданоски – Мирче, роден брат на Момчило Јорданоски, знаменосецот покосен во јуришот за ослободување на Охрид од фашизмот.
Ние, дечурлијата од Црвена Вода, историјата ја учевме, така – однога, во живо. Ете, случајот сакаше и за Димитров да доразберам „во живо“ од некогашната новинарска ју – легенда од белградска „Политика“, Предраг Милоjевиќ. Една седмица му бев домаќин во Охрид, а тој ми раскажа како жив сведок, за Лајпцишкиот процес (судењето на Димитров, наводно, за палење на Рајхстагот) и за „дијалогот“ со Геринг.
Кога нацистов го навредил како Словен, Димитров му враќа, на лице место, пред „чесниот“ суд: кога ние ја имaвме писменоста и јазикот, вие, германски зборувавте во шталите со коњите, затоа што ви беше „нобл да французирате!“
Дури и само од оваа прикаска е сосема јасно зошто се рушеше со динамит Мавзолејот на Димитров, зошто македонскиот јазик мора, по секоја цена, да се трансформира во „дијалект на бугарскиот!“ и зошто Македонија е „најромантичниот дел од бугарската историја!“.
Думата ми е дека тука е сѐ јасно и нема ништо за „креативно толкување!“. Можеби има по Балканот, но онаму каде целиме, креативните толкувања завршија со Француската револуција, после која немаше повеќе место за некој нов Наполеон, кој ќе побара да му напишат Устав: „многу краток и неразбирлив!“.
Мене ми е познато од кои структури во Македонија доаѓаат таквите „креации и рекреации“ на акалот. Само оние за кои ништо не е свето, оние кои се релативизираат. Како во 2006-та, кога, во кампањата за општите парламентарните избори, за прв пат, слушнавме за заедничко чествување на Илинден. Приликата ја приграби тогашната министерка „за понадвор“, Илинка Митрева, соопштувајќи ни од Крушево дека не случајно ѝ го „туриле“ тоа име, демек Илинденка!
Ок. Ѝ порачав, преку медиумите: aјде, штом си веќе Илинденка (Илинка) нека биде прослава на Илинден, ама, што ако ти го „туреја“ името – Петкана? Дали, тогаш и Петковден, и секој нареден – Секојден, заеднички ќе го прославуваме!?
Нејсе. Деновиве ми се отвори нова дилема: на кој светец, заеднички, ќе му се крстиме? Ќе речете на светите браќа Кирил и Методиј. Заедно со Папата. Ок, ама папа Франциско сега предлага нов светец – Роберт Шуман. Ќе можеме ли со Бугарите заеднички да се поклонуваме пред Роберет Шуман? Тешко. Уште потешко ќе можат Бугарите. Тешко ним!
Овде ќе понудам неколку образложенија:
Идејата за заеднички европски дом, односно семејство, е зачната во Хаг и е моја врсничка. Првата декада на 1949 година. Потоа следеше 17 август, кога во Стразбур, паметните европски глави ги поставија темелите на европскиот заеднички парламентаризам. Бугарија беше од оваа страна на „Железната завеса“, од Шчечин кај Балтичкото море, до Трст на Јадранот, преку целиот континент. Терминот е на Черчил, кој за лагерот во кој Бугарија беше најпосветената, вели: „фашистичкото зло, само се трансформира во комунистичко“!
– Се впуштивме во процес на креирање европска единка на Светската организација на Обединетите нации. Континент – единка, столб на светскиот инструментариум за одржување на безбедноста, гаранција за одржување на мирот, во никој случај соперник на ООН, подредени на неопходниот елемент во нејзината конечна структура, со изградено чувство на еднаквост – сведочи славниот колега и државник.
Черчил не стаса до светец, стаса до нобеловец. Можеби ќе стаса Шуман, после еден долг процес, за кој ќе сведочат оние после нас.
Предлогот, залагањето за канонизација на Свети Шуман, не се нови. Нов е само Папата – реформатор Франциско, кој „светското чудо“ го видел во еден обичен смртник, заробеник и борец против нееднаквоста и повластеноста на расите и народите – поданици на фашизмот. Борец за вредносен систем со основа: основни човекови права. Идејата и настојувањата за канонизација на овој познат француски политичар, со децении, се залага францускиот католички институт Свети Беноа.
Шуман за светец, затоа што, заедно со Черчил и останатите од генерацијата поразители на фашизмот, фанатично и со ортодоксна религиозност, уште од првиот ден, запишале: „да се остави место во европскиот дом, за сите останати, пред сѐ, за поразената Германија“.
Да ги завртиме нашите грбови кон хоророт на минатото пред судот на цивилизираниот свет, да ја испиеме горката чаша од пелин, да ја споделиме горчината од минатото, со некакoв „блажен акт на заборавот“ (Гледстоун).
Шуман за светец, затоа што мечтаел за европска структура, која ќе биде така изградена што материјалната сила на една држава ќе ја направи помалку важна, а сите држави подеднакво ќе придонесуваат со својата чест.
Уште на првото Собрание во Стразбур 1949, Черчил беше му згрмел на Претседавачот: „Не го признавам зборот НЕВОЗМОЖНО!“
Возможно е Шуман да биде светец, но како, пред таа икона, ќе се крстат бугарската затруена јавност и бугарската актуелна политичка реалност? Белким не со заклетвата: невозможен е датум за почеток на преговори сѐ додека Македонците самите не се обезмакедончат!
Е, токму, тоа – обезмакедончувањето, е НЕВОЗМОЖНОТО!
Македонија изоде измачувачки пат од 17 долги, од „скакулци изедени години“ (кованица на Черчил). Случајот сакаше да се најдам во делегацијата која на 26 февруари 2004, во Даблин, ја понесе Апликацијата, Барањето на Република Македонија за членство во Европската унија, потпишана од претседателот Борис Трајковски. Ја понесе, ама не ја ПОДНЕСЕ, зашто истиот ден (после кобното утро и падот на претседателскиот авион, кај Ротимље на пат за Мостар), се врати назад без завршена работа.
Ако се послужам со јазикот на Черчил, тоа значи како да сте заминале од смрзнувачката на Северниот пол, а потоа да откриете дека сте се нашле на Јужниот пол, а повторно, сѐ околу вас е само мраз и снег и суви измрзнувачки ветришта.
Европа мора да расчисти самата со себе. Ова не е Шуманова Европа. Со кое право, оној кој сте го почестиле, сте му ја отвориле вратата да влезе во вашиот (НАШИОТ) заеднички дом, сега, не ја отвора вратата за наредниот? Нели Шуман и Черчил „зачуваа по некое место за сите под европското небо?“ Нели бриселскиот кварт, во кој се сместени институциите на ЕУ, го носи името на Шуман?
И сето тоа после 64 години (9 мај 1950 година) од Шумановата декларација, или Шумановиот план, што се смета за почеток на формирањето на денешната Европска Унија. Овој „Ден на Европа“ го претставува европскиот симбол за единство, кој заедно со химната „Ода на радоста“ и знамето, го идентификуваат политичкиот ентитет на Европската Унија.
Македонија, веќе две децении, го празнува „Денот на Европа“. Без вина виновна, оставена како сираче – настрана, во челуста на националпопулистите (домашни и соседски), чија цел е да го свртат во спротивна насока интеграцискиот процес. Нема Шуманова Европа без адекватен демократски легитимитет на европскиот проект за интеграција, мултилатерална соработка и взаемно прифатените норми.
Потребна ни е Европа што ги усогласува хуманитарните визии! Европското движење започна уште 1947 година. Задачата беше низ цела Европа да се издигнат „моралните, културните, сентименталните и општествените единства и афинитети“ (Черчил).
До кога така браќа Бугари!? Какво е тоа заедништво со (а)морални сентименти? Така ли заеднички, утре, ќе се крстиме пред Свети Шуман?
Освен, ако сте од оние „браќа!“, кои, на душманот му го кршат реброто, а на братот му го вадат окото!?
(„Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат“, Исус – по Matej 7:5 ; Luka 6:42, од Светото писмо).
Или, по нашки: кој ти ги извади очите? Брат ми. Се гледа по дупките!