Шубе ми беше, да не случајно не е хомосексуалец

Жена за премиер во Јапонија; Муслиман градоначалник во Њујорк; Хомосексуалец – премиер во Холандија! Во мојот препознатлив саркастичен стил прокоментирав „Шубе ми беше да не случајно не избереа хомосексуалец“, и решив да напишам збор два за тоа, во корелација со „Кичево избра Македонец, а Чашка Албанец“.

290

Здивнавме од изборите. Според коментарите на партиите, имавме најубави избори. Како во „Солунски патрдии“ или како од некоја убава македонска приказна – сите победија. ВМРО‑ДПМНЕ освои најмногу градоначалници и советници, повеќе од пред четири години, и со тоа ја потврди својата доминација, значи победија. СДСМ се прогласи за победник затоа што го освои Центар во Скопје, симболично важна општина, а имало и прекрасен опозициски тренд. Левица, не освои градоначалничко место, но доби повеќе советници од претходните избори и влезе во втор круг во Скопје – каде што ги дуплираа своите триесеттина илјади гласа во шеесет, што значи – победија и тие. Живо ме интересира што ќе речат ако на следните избори повторно се вратат на триесеттина илјади. Ќе кажат дека се преполовиле? ВЛЕН ги освои клучните општини, вклучувајќи ја „битката на титаните“ во Чаир, каде Меџити го порази Османи. Но, ДУИ (сега НАИ) собра најмногу гласови на советничките листи, па и тие имаат право да се чувствуваат победници. ЗНАМ победи таму каде што очекуваше, а и помалите субјекти освоија советнички места. Македонија ретко кога била толку задоволна – секој од своја причина. Единствените губитници се оние што не гласаа: друг им ги избра градоначалниците и советниците, но според нив и тоа е триумф. Го искористиле денот за прошетка…

Конечно, сега може да се фокусираме на други теми. Читајќи што има ново во светот, во очи ми падна група наслови: Жена за премиер во Јапонија; Муслиман градоначалник во Њујорк; Хомосексуалец – премиер во Холандија! Во мојот препознатлив саркастичен стил прокоментирав „Шубе ми беше да не случајно не избереа хомосексуалец“, и решив да напишам збор два за тоа, во корелација со „Кичево избра Македонец, а Чашка Албанец“. Ме изненади, а можеби не требаше, моментот дека многу ретко се појави вистинскиот и очекуван коментар: не е важно што е човекот по определба, без оглед дали тоа е културна, верска, родова или интимна. Во политиката се важни сосема други работи: чесност, интегритет, домаќинлак, управувачки вештини, програма по која ќе работи и индиректно, екипа од луѓе – партија или група – кои ќе ги заземат раководните места и ќе му помогнат на тој човек во реализацијата на таа програма. Арно ама…






Современите демократии, во желба да покажат отвореност, ја претворија приватноста во јавна валута. Луѓето се самоозначуваат како припадници на групи – религиозни, културни, интимни – за политички бенефит. Денес сметаме дека означувањето на Евреите со Давидова ѕвезда во Втората светска војна е срамен и антицивилизациски чин, и сосема се согласувам со тоа. Но, воедно доброволно се означуваме како „геј“, муслиман, христијанин, хиндус, атеист, како припадници на пол и раса, како вегани, панкери или металци. И конечно, се означуваме како Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци и слично. Групи кои немаат врска со водење локална или државна политика, а сепак тоа ни е „најважно“.

Сето ова ме потсети на приказната за Илајџа Мек‑Кои (Elijah McCoy). Дипломиран инженер на универзитетот во Единбург, пронаоѓач на повеќе од педесет патенти, човек кој предизвикал револуција во железничкиот транспорт, намалувајќи ги трошоците и времето на транспорт за десет пати. Но, бидејќи бил црнец, неговата боја на кожа се покажала како поважен фактор од сите негови изуми – и никогаш не станал железнички инженер. Работел како котлар, подмачкувач и машински техничар. Се обидувале да ги копираат неговите изуми, но никако не работеле, по што конечно се појавила фразата, која нерадо ја говореле „белите газди“: „за да се реши ова потребен е дел на вистинскиот Мек-Кои“. Иронично, неговото име денес и фразата „the real McCoy“ се користи за да се означи нешто автентично, иако токму неговата автентичност никогаш не му била признаена.

Сакам почесто да гледам луѓе како Илајџа, во политиката, во науката или во секојдневието. Со назнака – никако да не бидат потценети како што бил тој. Меритократија пред сè. Така, почитувани читатели, нема драматична важност „Албанецот во Чашка“, „Македонецот во Кичево“, „Жената премиер во Јапонија“, „Муслиманот во Њујорк“ или „Најмладиот геј премиер во Холандија“. Важно е – што можат тие да направат од позицијата на која се избрани. Важно е – какви луѓе ги опкружуваат и ги формираат раководните структури. А насоките се бројат на прсти: просперитет, стагнација или назадување. Сакам да верувам дека во сите случаи ќе видиме просперитет.

П.С. Читајќи ја колумната пред објавување, си го поставив следното прашање: „Би прифатил ли Албанец по род, за премиер на Македонија?“. И си го одговорив: „Имавме премиер кој беше Македонец и нанесе ненадоместливи идентитетски штети, и министер за надворешни Албанец кој се однесуваше како министер на Косово наместо на Македонија. Камо да беше премиер Албанец што ќе работеше за државата Македонија и да ги заштитуваше македонските национални интереси, и министер Кинез кој нема да беше министер на друга држава додека зема плата од овде“. Ако е воопшто можно!

Поврзани содржини