ШТО „УВИДЕ“ АРСОВСКА НА ДИМО ХАЏИ ДИМОВ? Мал дожд, улицата и подрумите повторно поплавени!

Таман се израдувавме дека повеќе нема да слушаме багери бар на овој дел од улицата, кога заврна - пак поплава! И еве од вчера повторно багери. Сега ни ги раскопуваат тротоарите кои веќе беа готови. Што ли се прави овој пат, ни рече чичко Благоја.

915

По седуммесечна реконструкција на улицата Димо Хаџи Димов од вчера се раскопуваат и тротоарите, а граѓаните револтирано коментираат дека и по не толку интензивниот дожд улицата повторно беше полна со вода. Поради тоа прашуваат што увиде градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која пред два дена вршеше увид на градежните работи, токму на оваа улица.

Новата атмосферска канализација што беше причина за раскопување на улицата Димо Хаџи Димов во скопска Кисела Вода и „скапиот“ асфалт за којшто се чекаше потопло време, не го издржаа првиот дожд, а дел од сопствениците на куќи повторно се бореа со поплавените подруми.






– Тамам се израдувавме дека повеќе нема да слушаме багери, барем на овој дел од улицата, кога заврна и пак поплава! И еве, од вчера повторно багери. Сега ни ги раскопуваат тротоарите кои веќе беа готови. Што ли се прави овој пат – прашува чичко Благоја.

Скопјанката Билјана, која живее на оваа улица, револтирано вели дека малку им била прашината што ја дишеле 7 месеци од копањето на улицата, местењето и преместувањето на шахтите.

– Еве втор ден како ги раскопуваат тротоарите. Не ни е јасно што се случува? Ние како граѓани бараме одговори од градот, зошто улицата беше пола со вода и зошто сега се копаат тротоарите – вели Билјана.

Градоначалничката на Град Скопје пред два дена изврши увид во завршните работи на улицата Димо Хаџи Димов каде се реконструира коловозот со што се овозможува зголемена безбедност за жителите на овој потег, но и за прв пат по целата должина и поврзаните краци се изгради атмосферска канализација. Во моментот на вториот дел од трасата се реконструира и водоводната мрежа.

„По секое невреме на оваа траса детектирани се поплави, а со сериозна инвестиција и изградбата на атмосферската канализација се отстрануваат овие недостатоци во интерес на граѓаните, со цел да се превенираат во иднина несакани последици предизвикани од невреме“ – информираа од Град Скопје по посетата на Арсовска на оваа улица, која важи за сообраќајна артерија за населбата Кисела Вода.

Претходно Плусинфо пишуваше токму за оваа улица бидејќи загрижените граѓани прашуваа што се случува со реконструкцијата на улицата Димо Хаџи Димов, иако скопската градоначалничка Арсовска им вети дека ќе го реши деценискиот проблем. Жители од оваа улица ни рекоа дека интервенциите започнале во септември лани, а работите требало да бидат завршени во октомври, како и што пишува на информативната табла на која како инвеститор е наведен Град Скопје.

– Ја раскопаа улицата еднаш од едната страна, па таа страна ја покрија со песок за да се копа другата страна. Откако двете страни ги ископаа и ги покрија со песок, на големо изненадување на граѓаните, улицата повторно беше раскопана. На прашање до работниците кога планираат да завршат, одговорот што го добивавме беше „ехеее има време до декември“. По второто копање, улицата беше повторно затрупана со песок за повторно да ја раскопаат на одредени делови – ни кажаа тогаш жителите на оваа улица.

Како одговор на нашите прашања, градските власти нѐ информираа дека на посочената улица се извршувале неколку зафати, па поради тоа се одложил рокот за завршување на проектот, а и временските услови не биле на нивна страна за нанесување на завршниот слој асфалт.

– На улицата Димо Хаџи Димов не се работеше само на реконструкција на коловозот туку и на комплетна изведба на атмосферска канализација и нов водовод, при што се завршени и сите водоводни приклучоци кон околните објекти кои беа многу на број. Следи асфалтирање на улицата и тоа предвиден е завршен слој асфалт СМА за чие вградување, согласно техничките стандарди, потребно е суво, неврнежливо време, и температурата на воздухот и на тлото над 15 степени Целзиусови во текот на денот – рекоа од Град Скопје за Плусинфо.

За целосната реконструкција на улицата Димо Хаџи Димов, како што изјави градоначалничката Арсовска во септември лани, Градот ќе издвои 41 милион денари.

Жителите на оваа улица повторно се прашуваат за што точно биле потрошени овие пари, бидејќи Арсовска вети ќе им го реши деценискиот проблем, но при најмал дожд улицата Димо Хаџи Димов повторно беше поплавена. Тие стравуваат што ќе се случи со улицата и нивните домови при интензивен дожд, дали повторно ќе мораат со кофи да ја вадат водата од своите домови и подруми?

Поврзани содржини