ШТО СО ЛЕКАРИТЕ КОИ СЕ ПРОТИВ ВАКЦИНИТЕ? На потег е Лекарската комора
Досега не сме слушнале издржана контрааргументација во однос на вакцинирањето, рече Филипче.
Лекарската комора ги следи написите на оние доктори кои се против вакцинација и ќе излезе со свој став, одговори денеска на новинарско прашање министерот за здравство Венко Филипче по промоцијата на кампањата „Вакцинирај се“.
– Лекарската комора сериозно ги анализира овие написи и ќе излезе со свој став – истакна Филипче на прашањето дали има законска можност да се санкционираат докторите антиваксери.
Во однос на граѓаните кои протестираат против вакцинацијата, Филипче рече дека ги слушаат сите ставови, но оти досега не слушнале издржан аргумент против вакцинирањето.
– Ги слушаме сите ставови. Досега не сме слушнале издржана контрааргументација во однос на вакцинирањето. За жал, сите протести се проследени со навреди и со закани. Истовремено, имаме број на граѓани кои се вакцинираат, 12 до 13.000 граѓани кои се вакцинираат на ден. И тоа е сериозен глас на народот – подвлече Филипче.