„ШТО СИ ГО ЗАКАЧАЛ БРАТ МИ“ Ќе биде ли користен џокерот „повикај роднина од Македонија“ ако избие конфликт на Косово?

Службите треба да бидат на готовс. Ако службите сега не ги преземаат потребните мерки и не ја следат будно состојбата на Косово, тогаш апсолутно не треба ни да постојат. Не дај Боже да избие воен конфликт во соседството, оти нѐ очекува истата судбина од деведесеттите години од минатиот век, коментира Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување.

3,590

Ќе се пренесе ли кризата во Македонија доколку се продлабочи кавгата помеѓу Косово и Србија?

Ќе биде ли тешко да се спречат македонските граѓани од албанска националност да ја преминат границата и доброволно да учествуваат во евентуален воен конфликт и да војуваат од страната на Косово против Србија?






Треба ли Македонците да стравуваат за својата безбедност доколку избие евентуален конфликт на северниот дел од северната граница?

Одговор на овие прашања побаравме од експерти, исклучителни професионалци од сферата на безбедноста.

Тие велат дека секакво сценарио е во игра, но според нив, најдоброто решение е да реагираат големите светски сили и да ги натераат Приштина и Белград да си подадат рака за помирување уште пред да си ги раскрвават носовите.

Безбедносните експерти потсетуваат дека земјите од Балканот се меѓусебно поврзани како крвни садови и дека воените конфликти во една земја многу лесно и многу брзо се шират и во другите земји.

Дали проектот „Голема Албанија“ е мртов проект?

Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров во разговор за Плусинфо вели дека ниту една граница во светот не може херметички да биде затворена, па ако евентуално се влоши безбедносната состојба на Косово, тогаш со сигурност треба да очекуваме кризата да се прелее и на наша територија.

Јас не слушнав ниту еден лидер на Балканот да каже дека проектот „Голема Албанија“ е мртов проект.

Владимир Пивоваров Национален координатор за гранично управување

– Никој во целост не може да гарантира дека одредени лица нема да ја преминат државната граница за да учествуваат во воен конфликт, но мора да имаме предвид дека во нашиот Кривичен законик е предвидено кривично дело „учество во воени дејствија“. Во Англија, на пример, ако те фатат дека нелегално си учествувал во странски мисии, веднаш ги губиш граѓанските права, а го губиш и државјанството. Кај нас тоа не е предвидено, но е предвидена ресоцијализација, односно отслужување затворска казна. Меѓутоа, што ќе се случи со тој човек откако ќе ја отслужи казната? Што ако тој е добро обучен платеник и само чека наредба за да изврши терористички напад? Сакам да кажам дека ваквиот начин на санкционирање платеници не го дава посакуваниот резултат. Впрочем, јас не слушнав ниту еден лидер на Балканот да каже дека проектот „Голема Албанија“ е мртов проект. Потсетете се што ни се случи во 1999 година кога прифативме бегалци од Косово, а голем дел од тие бегалци подоцна се претворија во напаѓачи на Македонија. Тогашниот наш претседател Киро Глигоров имаше предлог да им обезбеди коридор на бегалците и тие да бидат пренесени во Албанија, меѓутоа, тие самите го одбија предлогот и инсистираа да останат во Македонија. И не беше случајно тоа што тие сакаа да останат тука. И сега, како и тогаш, се соочуваме со сериозни безбедносни предизвици, а нашите безбедносни служби треба да направат сериозни анализи, оти, јасно е дека сето она што ни се случува сега најдобро ќе го почувствуваме по неколку години. Службите треба да бидат на готовс. Ако службите сега не ги преземаат потребните мерки и не ја следат будно состојбата на Косово, тогаш апсолутно не треба ни да постојат. Не дај Боже да избие воен конфликт во соседството, оти нѐ очекува истата судбина од деведесеттите години од минатиот век – објаснува Пивоваров.

Според него, најдоброто решение за двете земји е да седнат на иста маса и самите да постигнат договор, оти, како што вели, секое наметнато решение од надвор ќе претставува проблем во иднина.

– Тоа што треба да се преземе е по дипломатски пат да се надминат сите предизвици и конфликтни ситуации. Најдобро долготрајно решение е да се водат директни разговори и преговори помеѓу Белград и Приштина, бидејќи секое наметнато решение остава простор за нови конфликти во некое идно време. Секако дека изнаоѓањето долгорочно решение е тежок процес во кој не треба да има губитници и добитници, но мора да очекуваме дека ќе има групи незадволни политичари кои ќе го игнорираат обострано прифатливото решение со цел добивање ситни политички поени – вели Пивоваров.

Роднини, пријатели…

Поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека при избувнување посериозен воен конфликт помеѓу Косово и Србија, многу тешко ќе биде да се спречат македонските граѓани од албанска националност доброволно да ја преминат границата и да учествуваат во воениот конфликт.

– Тешко ќе биде, па дури и невозможно да се запрат сите тие луѓе кои ќе тргнат да им помогнат на своите роднини и пријатели на Косово. Тука има една силна роднинска, пријателска, историска, па и културолошка врска. Единствениот начин да се спречи таква појава е да се заостри безбедноста на границите, полицијата да добие наредба масовно да апси учесници во странски воени мисии. Но, во секој случај, јас сум повеќе од сигурен дека воопшто нема да има потреба од такво нешто, бидејќи големите сили ќе го изгаснат пожарот уште пред да биде разгорен. Целта на Европа и на САД е да има стабилност во овој дел на Балканот. Јас сум сигурен дека наскоро ќе бидат преземени сите дипломатски и недипломатски активности за да се спречи ескалација на состојбите на Косово – објаснува Чулев.

Целта на Европа и на САД е да има стабилност во овој дел на Балканот. Јас сум сигурен дека наскоро ќе бидат преземени сите дипломатски и недипломатски активности за да се спречи ескалација на состојбите на Косово

Наќе Чулев Поранешен министер за внатрешни работи

Тој тврди дека засега не постојат услови за евентуално прелевање на евентуалниот српско-косовски конфликт на наша територија.

– Бидете сигурни дека активно се водат јавни, но и тајни дипломатски преговори помеѓу Белград и Приштина. Во тек е активна комуникација помеѓу двете страни со посредство на меѓународните фактори. Сето ова се крие од јавноста, но и двете страни преземаат конкретни активности за да не дојде до избувнување на сериозен воен конфликт – истакна Чулев.

Во петокот дојде до ескалација на насилствата на северот на Косово, а шок бомби и солзавец беа фрлени во Звечан, Лепосавиќ и во Зубин Поток.

Немирите продолжија и утрово откако се огласиле сирените, а покрај зградите на локалните општини се појавиле граѓани. Полицијата интервенирала за да им дозволи на новоизбраните градоначалници да влезат во тие згради.

Петровска: Насилството не води никаде

Министерката за одбрана Славјанка Петровска верува дека дијалогот меѓу Косово и Србија ќе продолжи и оти ќе се најде најприфатливо решение.

Во одговор на новинарско прашање за случувањата на северот на Косово, Петровска истакна дека треба да се најде решение што нема да наштети на која било од страните и ги повтори нашите заложби за мир, стабилност и безбедност во регионот.

– Одлуката на косовските власти ќе ја означам како погрешна. Во услови кога сите се залагаме пандорините прашања да се решат низ дијалог примената на насилство не не води нигде. Верувам дека ќе се најде начин таа одлука да се промени и дека дијалогот помеѓу Косово и Србија ќе продолжи се со цел изнаоѓање на најприфатливо решение кое апсолутно нема да биде на штета на која било од страните. Република Северна Македонија е силен заложник и поборник за мир, стабилност и безбедност во регионот – рече Петровска. 

СЕ ПЛАШАМ ОД ГОЛЕМИ КОНФЛИКТИ НА КОСОВО Вучиќ вели дека Курти копнее да стане Зеленски

(ВИДЕО) ТЕНЗИЧНО НА СЕВЕРОТ НА КОСОВО Полицијата со солзавец ги спречи вработените да влезат во општинската зграда

Поврзани содржини