ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ДОХА? Израел и САД се повлекоа од преговорите за мир во Газа
Израелската влада не соопшти што точно ја предизвикало одлуката за повлекување, а Хамас изјави дека е изненаден од изјавите на специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и дека е подготвен да продолжи со преговорите. Виткоф рече дека Хамас „покажува недостиг на желба за постигнување прекин на огнот во Газа“.
Израелските и американските преговарачи решија да ги напуштат разговорите за прекин на огнот во Појасот Газа што се одржуваат во катарската престолнина Доха, откако Вашингтон го обвини Хамас дека не „делува со добра волја“, објави Би-Би-Си.
Во изјава, специјалниот американски пратеник Стив Виткоф рече:
– Решивме да го повлечеме нашиот тим од Доха на консултации по последниот одговор од Хамас, кој јасно покажува недостиг на желба за постигнување прекин на огнот во Газа.
Израелската влада не соопшти што точно ја предизвикало одлуката за повлекување, но висок израелски претставник, цитиран во локалните медиуми, изјавил дека „нема колапс“ на преговорите. Тој ја критикувал „негативната и жална позиција“ на Хамас, додавајќи дека „стигнавме до точка каде што навистина треба да се вратиме, и ќе се вратиме кога ќе се најде вистинскиот начин за намалување на разликите и за приближување до завршната фаза“.
Хамас изјави дека е изненаден од изјавите на Виткоф и дека е подготвен да продолжи со преговорите.
Сите страни вклучени во разговорите – вклучително и посредниците – признаваат дека постојат големи разлики околу клучните прашања.
Во четвртокот, Виткоф изјави дека „додека посредниците вложуваат голем напор, Хамас не изгледа координирано и не дејствува со добра волја“.
– Сега ќе размислиме за алтернативни опции, за да ги вратиме заложниците дома и да се обидеме да создадеме постабилна средина за народот на Газа. Жалосно е што Хамас се однесува себично. Решителни сме во настојувањата да ставиме крај на овој конфликт и да воспоставиме траен мир во Газа – рече тој.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, сè уште јавно не коментирал зошто израелските преговарачи ја напуштаат Доха.
Во изјава дадена рано во петокот, Хамас наведе: „Движењето ја потврдува својата подготвеност да продолжи со преговорите и да учествува во нив на начин што ќе помогне во надминување на пречките и ќе води кон договор за траен прекин на огнот“.
Најновата рунда разговори во Доха – со посредство на Катар и Египет – трае веќе повеќе од 2 недели.
Порано во четвртокот, Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека едно од 5 деца во Газа Сити е неухрането и дека бројот на случаи секојдневно се зголемува.
Повеќе од 100 меѓународни хуманитарни и организации за човекови права предупредија на масовен глад – барајќи од владите итна реакција.
Израел, кој го контролира влезот на сите средства за живот во Газа, постојано тврди дека нема блокада и го обвинува Хамас за сите случаи на неухранетост.
Израел ги прекина испораките на помош за Појасот Газа во почетокот на март, откако заврши двомесечниот прекин на огнот. Блокадата делумно беше олеснета по речиси 2 месеца, но недостигот од храна, гориво и лекови се влоши.
Според Канцеларијата за човекови права на ОН, повеќе од 1.000 Палестинци биле убиени од израелската војска додека се обидувале да дојдат до хуманитарна помош во последните два месеца.
Израелската војска ја започна кампањата во Газа како одговор на нападот предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беа земени за заложници.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, кое е под управа на Хамас, досега се убиени најмалку 59.106 лица.