СЛОЖНИ СОВЕТНИЦИ И НА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА МРСАТ Трајко Славески открива како се одвивало гласањето за субвенциите за ЈСП

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, истакна дека седницата била закажана на барање на градоначалничката Данела Арсовска, по претходни консултации и постигнат компромис. Предлог-одлуката за доделување субвенции за ЈСП била усвоена од страна на членовите на Совет со 32 гласа од 39 присутни.

1,178

Од вкупно 39 советници во Град Скопје, дури 32 гласале „за“ доделување субвенции за ЈСП, открива за Плусинфо претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.

Според математиката и според распореденоста на силите во Советот, по сѐ изгледа дека и советниците од ВМРО-ДПМНЕ кренале рака и ги поддржале субвенциите кои се изгласаа вчера точно на полноќ на вонредна седница, а кои претходно не ги поддржаа.






Славески истакна дека седницата била закажана на барање на градоначалничката Данела Арсовска, по претходни консултации и постигнат компромис.

– Ја користам оваа прилика, во интерес на јавноста, да укажам на една непрецизност сврзана со вонредната седница на Советот што се одржа во доцните вечерни часови на 28 декември. На оваа седница, по претходни консултации меѓу советничките групи и градоначалничката Данела Арсовска, се донесе одлука за субвенции на ЈСП „Скопје“, која од причини што ги наведувате, пред сѐ револтот кај повеќе членови на Совет на Град Скопје од недостигот на информации за тековната состојба и работењето на ЈСП, не го доби потребниот број гласови на редовната седница – реагира Славески.

Тој додава дека поради долгиот тек на седницата и нејзиното привршување во доцните вечерни часови можно е некои членови на Советот да ги немале сите потребни информации околу закажувањето на вонредна седница веднаш по завршување на редовната.

– Имено, по долги консултации, градоначалничката Арсовска се согласи да достави нов текст на одлуката за субвенции на ЈСП „Скопје“, со намален износ, како што претходно бараа советниците од коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за 20%. Овие преостанати средства остануваат во Буџетот на Град Скопје и се наменети за некој подоцнежен трансфер во вид на субвенција кон ЈСП – вели претседателот на Советот.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески за Плусинфо објасни дека на 27 и 28 декември одржа уште една успешна седница на која беше донесен Буџет на градот за 2023 година, одлука за извршување на буџетот и бројни програми за успешен старт со реализација на проекти во наредната 2023 година.

Утрово преку соопштение реагираше советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги советниците од СДСМ, ДУИ и Левица, иако во првичното гласање, советниците од редовите на СДСМ на редовната седница гласале „воздржано“, и како што велат, откако се договориле со ДУИ и Левица побарале вонредна седница на полноќ на која гласаа „за“ 630 милиони денари субвенции за ЈСП.

Инаку, на редовната седница, како точка на дневен ред предложена од градоначалничката Данела Арсовска беше доделување субвенции на ЈСП во висина од 12 милиони евра за да може претпријатието нормално да работи. Се предвидуваа 130 милиони денари или 2,1 милион евра за бесплатен превоз на пензионери и студенти, 550 милиони денари или 8,9 милиони евра за нормално работење и надминување на тешкотиите во работењето и еден милион евра за системот за интелигентна наплата. Но, оваа одлука не беше изгласана, бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои го имаат мнозинството, не доби поддршка, а пак советниците од СДСМ беа воздржани.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ на седницата рекоа дека станува збор за голема сума, а тие немаат никакви информации како се трошат, па поради тоа нема да го поддржат предлогот, додека од советничката група на СДСМ истакнаа дека ќе бидат воздржани бидејќи цела година ниту од градоначалничката Данела Арсовска ниту од претпријатието и директорот немаат добиено ниту еден одговор во врска со јавниот превоз и состојбата во претпријатието.

Поврзани содржини