ШТО СЕ КРИЕ ВО ПАНДОРИНАТА КУТИЈА НА ТАРАВАРИ? НАДЕЖ СИГУРНО НЕ! Сеењето страв врз Македонците во клучни моменти за државата е стар и досаден трик
Ако албанските политичари мислат дека со заплашување ќе ги присилат Македонците да носат одлуки спротивни на своите интереси, тогаш треба да знаат дека само дополнително ќе ги уверат дека правилно постапуваат, изјави поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
„Кажав што имав да кажам, а сега ќе оставам времето да покаже“.
Вака, кратко и јасно, преку СМС порака денеска ни одговори лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, откако го замоливме да објасни што точно сакаше да каже со вчерашната изјава дека „во земјава ќе се отвори Пандорината кутија доколку не успеат уставните измени“, како и дека „неприфаќањето на францускиот предлог ќе отвори многу проблеми коишто тлеат кај луѓето и кај политичките партии, а кои досега никогаш не биле кажани, но можеби во наредниот период ќе бидат кажани“.
Слична порака со заплашувачки карактер неодамна испрати и независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, кој во своето обраќање на пленарната собраниска седница истакна дека „албанските општини во земјава би можеле сами да си го најдат патот кон ЕУ доколку не бидат изгласани уставните измени“.
За тоа што точно се крие во т.н. Пандорина кутија и кои се евентуалните проблеми коишто тлеат кај политичките партии, а кои досега не биле кажани во јавност, разговаравме со сегашни и поранешни пратеници, како и со претставници и лидери на политички партии во земјава.
Разговаравме и со независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, кој повторно порача дека Албанците веќе 30 години во ниеден момент со ништо не придонеле да скршне земјава од патот кон ЕУ.
Според поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, ако албанските политичари мислат дека на ваков начин ќе ги присилат Македонците да носат одлуки спротивни на своите интереси, тогаш треба да знаат дека само дополнително ќе ги уверат дека правилно постапуваат.
Од Левица ни изјавија дека бајките со плашење на народот со нови евентуални конфликти одамна завршиле, а актуелните албански политички партии не ни имаат некоја голема поддршка од обичното албанско население во Македонија.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, порача дека стравот едни од други конечно треба да исчезне и дека не смее да постои пракса Македонците да се плашат од Албанците, а Албанците да се плашат од Македонците.
„Поголем католик од папата“
Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во изјава за Плусинфо вели дека изјавата на Таравари не претставува ништо друго освен предизборен стил на говорење.
Ако градиме заеднички однос и разбирање, тоа треба обострано да биде прикажано, особено кога станува збор за теми кои исклучиво се однесуваат на идентитетски и на културолошки прашања за Македонците.
– Многу сме блиску до избори, па лидерот на Алијанса за Албанците ја користи шансата да настапи предизборно и очигледно сака да биде поголем католик од папата. Мислам дека таквите фрази се веќе излитени, бидејќи не може во Република Македонија цели 20 години со истиот вординг да се присилуваат Македонците да донесат одредени одлуки. Ако градиме заеднички однос и разбирање, тоа треба обострано да биде прикажано, особено кога станува збор за теми кои исклучиво се однесуваат на идентитетски и на културолошки прашања за Македонците. Па така, му порачувам на Таравари да не мисли дека само тој има теми коишто ги отворил и не ги зборувал досега, бидејќи сите сме помалку незадоволни од одредени состојби во државата, така што, последната изјава на претседателот на Алијанса за Албанците ќе ја оценам како некорисна и непаметна – изјави Димовски.
Таравари не смее да ги присилува и да им се заканува на Македонците за прашања коишто се однесуваат исклучиво за културолошки и идентитетски прашања на Македонците, додава тој.
– Лидерот на Алијанса за Албанците треба да покаже основна карактеристика на почитување. Ако албанските политичари мислат дека на ваков начин ќе ги присилат Македонците да носат одлуки спротивни на своите интереси, тогаш треба да знаат дека само дополнително ќе ги уверат дека правилно постапуваат – истакна Димовски.
Новинарите денеска се обидоа да го слушнат мислењето и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за изјавата на Таравари, а тој само им порача на политичарите да бидат разумни.
– Мојот став е многу јасен. Перцепциите не може да бидат поинакви од тоа што го посакува мнозинството граѓани на Македонија, а тоа е да се движиме силно напред кон европските вредности. Важно е политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика којашто ќе биде од денес за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога сите ние би биле дел од европското семејство – изјави Спасовски.
Албанците нема да бидат нечии заложници
На оваа тема разговаравме и со независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, кому отворено му го поставивме прашањето дали смета дека вчерашната застрашувачка изјава на Таравари има блиска поврзаност со неговото фамозно неодамнешно излагање во Собранието дека „албанските општини од Македонија сами ќе си го најдат патот кон ЕУ ако не се изгласаат уставните измени“.
– Искрено, не ја знам причината за изјавата на Таравари, па затоа мислам дека најдобро би било него лично да го прашате што мислел и како мислел кога ја спомнал Пандорината кутија. Јас мојата изјава ја дадов во контекст на важноста „да се биде или не“ за патот кон ЕУ. Не споредувајќи ги бенефициите од овој пат, кои се непроценливи во сите области од нашето општество, со нашето изолирање од тој пат, со негласањето на уставните измени, штетата би била исто така непроценлива за сите граѓани на нашата држава, вклучително и за Албанците кои веќе 30 години во ниеден момент со ништо не сме придонеле да скршнеме од патот кон ЕУ – изјави Реџепи-Зејд.
И поради тоа што се работи за иднината на нашите поколенија, додава тој, несомнено треба да се преиспитаме дали вреди да се има трпение и да се биде во ист воз со пратеници водени од нивниот национал-шовинизам покриен со лажен патриотизам, на кои следните избори им се далеку поважни од иднината и благосостојбата на нивните наследници.
Сите Албанци, без исклучок, секогаш го поддржувале и ќе го поддржат националниот идентитет на нашите сограѓани Македонци, но при уставните измени воопшто не се доведува во прашање идентитетот, туку само слепата и болна желба за дневна политика и власт
– Токму од овие причини поврзани со иднината на граѓаните и на државата, доколку се изолираме како држава поради непромени на Уставот, тогаш порано или подоцна ќе може да се случи пристапување кон пронаоѓање на политичка форма во корелација со меѓународниот фактор со којшто Албанците нема да дозволат во иднина да бидат заложници на неколку пратеници од типот на Енвер Хоџа и Слободан Милошевиќ. Мора да нагласам дека сите Албанци, без исклучок, секогаш го поддржувале и ќе го поддржат националниот идентитет на нашите сограѓани Македонци, но при уставните измени воопшто не се доведува во прашање идентитетот, туку само слепата и болна желба за дневна политика и власт – изјави Реџепи-Зејд.
Поголемо ДУИ од ДУИ
Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица, во разговор за Плусинфо коментира дека Таравари е свесен за фијаското што ќе го доживее неговата партија на следните парламентарни избори, па затоа се обидува со вакви фамозни и застрашувачки изјави да спаси дел од рејтингот.
– Изјавата на Арбен Таравари не е изолиран случај, бидејќи слична изјава неодамна даде и независниот пратеник Скендер Реџепи кој порача дека албанските општини во Македонија сами ќе си го бараат патот кон ЕУ ако не се усвојат уставните измени. Но, ова се само празни обиди на политички партии и на политичари кои се свесни дека на следните парламентарни избори ќе доживеат дебакл. Алијанса за Албанците, со самото вклучување во Владата заедно со ДУИ целосно го загуби својот рејтинг и јас очекувам на следните избори оваа партија да доживее фијаско. Затоа, ова се нивните последни обиди да спасат дел од својот рејтинг, но кај сиромашните Албанци ваквата реторика веќе не минува. Вакви изјави ги даваат политичари и политички партии кои кубурат со проекти, кои немаат јасна визија за подобар стандард и подобар живот. Впрочем, самиот Таравари беше дел од власта како министер за здравство, но единствениот проект што го направи беше тоа што ја промени таблата на Клиниката – посочи Мојсоска.
Не сакам да звучам политички некоректно, додава таа, но сметам дека Албанците во земјава нема повторно да гинат за криминалци.
– По завршувањето на конфликтот во 2001 година јасно се виде кој го „лапна“ профитот, а денес единствено Албанците коишто живеат во Германија и во Швајцарија имаат квалитетен живот. Бајките со плашење на народот со нови евентуални конфликти одамна завршија, а како што гледаме, овие политички партии не ни имаат некоја голема поддршка од обичното албанско население. Јасно им е дека ќе доживеат фијаско на изборите, па сега се обидуваат со вакви изјави да бидат поголемо ДУИ од самото ДУИ и на тој начин да спасат дел од својот рејтинг. За жал, гледаме дека тие се спремни да шират меѓуетничка нетрпеливост само за да си го спасат рејтингот – ни изјави Мојсоска.
„Лов на вештерки“
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека стравот едни од други конечно треба да исчезне и дека не смее да постои пракса Македонците да се плашат од Албанците, а Албанците да се плашат од Македонците.
Знаеме до каде нѐ доведоа некои политичари во 2001 година, но сметам дека овие „детски болести“ одамна ги прележавме
– Не сакам да коментирам туѓи изјави, но морам овојпат да реагирам поради тоа што прашањата за мултиетничност се одамна надминати во земјава и треба да градиме општество во коешто сите сме интегрирани. Секое друго прашање коешто создава страв од било што е само одлика на немоќ и на ниска самодоверба. Што треба да прави народот? Македонците треба да се чуваат од Албанците, а Албанците треба да се чуваат од Македонците? Тоа за мене е „лов на вештерки“ и овие работи требаше уште многу одамна да ги оставиме зад себе и да работиме на целата интеграција на општеството каде што ќе се цени квалитет – рече Зајкова.
На прашањето дали можеби гледа поврзаност помеѓу изјавите на Таравари и на независниот пратеник Скендер Реџепи, таа вели дека сите луѓе во земјава треба да сфатат дека живеат во една држава, а тоа е Македонија.
– Сите треба да работат за Македонија и сите треба да престанат да го делат народот. Ние тука треба да го интегрираме народот во едно општество во коешто сите ќе живеат еднакво и без страв. Знаеме до каде нѐ доведоа некои политичари во 2001 година, но сметам дека овие детски болести одамна ги прележавме. Оти, сеењето страв за некој и заканите дека нешто лошо ќе му направиш претставува одлика на немоќ и низок степен на неспособност да направиш нешто добро за сите – изјави Зајкова.
ТАРАВАРИ НИ СЕ ЗАКАНУВА Ако не се усвојат уставните измени, ќе се отворат многу скриени прашања!