ШТО ПРЕДВИДУВА ЧЛЕНОТ 4 НА НАТО? Полска најде дел од проектил, Русите велат „немате докази“

Членот 4 на НАТО предвидува земјите-членки веднаш да се консултираат ако некоја од нив смета дека нејзината безбедност, територијален интегритет или политичка независност е загрозена, но притоа не ги обврзува на конкретен одговор или акција.

1,233

Полска го активираше членот 4 на НАТО и свика консултативен состанок на Алијансата, информираше полскиот премиер Доналд Туск велејќи дека упадот на руски дронови траел цела ноќ и дека последниот од најмалку 10 дронови е соборен утрово, 10 септември, во 6 часот и 45 минути.

– Она што е ново, тоа е правецот, првпат не е од Украина, како порано, грешка или ситна провокација на Русија, туку директен упад од Белорусија – посочи Туск.






Што предвидува членот 4 на НАТО? 

Членот 4 на НАТО предвидува земјите-членки веднаш да се консултираат ако некоја од нив смета дека нејзината безбедност, територијален интегритет или политичка независност е загрозена, но притоа не ги обврзува на конкретен одговор или акција. Тоа е механизам за предупредување и политички дијалог, кој овозможува координирана реакција без автоматски да се активира воена интервенција.

За разлика од тоа, членот 5 претставува сржта на колективната одбрана: напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите, со што сите се обврзуваат да ѝ помогнат, вклучително и со употреба на воена сила.

Во 2003 година Турција побара консултации според член 4 на НАТО поради заканата од Ирак. Потоа, НАТО распореди одбранбени ракети „Патриот“ и извидувачки авиони АВАКС за да ја зајакне заштитата на Турција. Ова беше првпат во историјата на Алијансата да се активира член 4.

Пронајдени делови од ракета

Полското министерство за внатрешни работи објави дека на територијата на земјата се пронајдени делови од ракета. Ова е првпат денеска полските власти официјално да споменат влегување на ракета во нивниот воздушен простор.

Претхдно, извори на НАТО изјавија дека Алијансата нема да го третира како напад упадот на руските дронови и дека радарот на дроновите ги забележал системите „Патриот“, но не ги гаѓал. Полските власти го информирале генералниот секретар на НАТО Марк Руте за ситуацијата.

„Неприфатливо и неодговорно“, реагираа европските лидери

Британскиот премиер Сер Кир Стармер го осуди рускиот упад со беспилотни летала во воздушниот простор на Полска и НАТО, нарекувајќи го „длабоко загрижувачки“.
Францускиот претседател Емануел Макрон го опишува упадот како „едноставно неприфатлив“, додавајќи дека наскоро ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вели дека Европа ги зголемува инвестициите во својата одбрана по „неодговорните“ постапки на Русија.

Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, го нарекува воздушниот упад „неприфатлив“.

Александар Стуб, претседателот на Финска, тврди дека Русија „бара ескалација“ и „носи одговорност“ за нарушување на воздушниот простор на Полска.
Фото: Принтскрин

 

„Немате докази“ е првата реакција на Москва

Во меѓувреме, стигна и првата реакција од Русија. Вршителот на должноста амбасадор на Руската Федерација во Полска, Андреј Ордаш, изјави дека Полска не доставила никакви докази дека беспилотните летала соборени на нејзина територија навистина се од руско потекло, објави државната новинска агенција РИА.

Ордаш, исто така, потврди дека бил повикан во полското Министерство за надворешни работи на разговори по синоќешниот инцидент, кој полските власти го оценија како сериозна провокација и нарушување на воздушниот простор.

Ова е првата официјална реакција на Москва, додека ставот на Кремљ за инцидентот сè уште се чека.

Најблиску до конфликт од крајот на Втората светска војна

Полскиот премиер Доналд Туск, обраќајки се пред парламентот предупреди дека земјата се соочува со најголемата опасност од отворен конфликт од крајот на Втората светска војна.

– Немам причина да кажам дека сме на работ на војна, но границата е премината и ситуацијата е неизмерно поопасна од порано – рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша најновиот напад на Русија врз Украина, во кој беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, како „уште еден чекор на ескалација“ и „исклучително опасен преседан за Европа“.
Зеленски рече дека најмалку 8 беспилотни летала целеле на Полска.
Поврзани содржини