Што ни фали во политиката?

876

Ако сака некоја мала партија да ѝ тргне на следните избори, а има такви што се мачат со години, треба да се крсти партија или движење „Нормални луѓе“. Или да се формира нова со такво име.

Ќе кажете – зошто?






Па прво, згодно е за слогани и за пи-ар. На пример:

  • Време е за Нормални луѓе!
  • Дајте им шанса на Нормални луѓе!
  • Со Нормални луѓе во Европа!
  • Нормални луѓе против ненормални времиња!“

Потоа, добро е и за наслови на вести и текстови:

  • Нормални луѓе влегуваат во Собранието
  • Нормални луѓе формираа влада

Само што ќе ги чуеш овие наслови, звучат некако оптимистички, будат надеж… Сосема ново искуство!

Исто така, згодно е за посериозни анализи и осврти:

  • Што сакаат Нормални луѓе?
  • Може ли Нормални луѓе да ја оправат државата?
  • Може ли Нормални луѓе да ги почнат преговорите со ЕУ?
  • Има ли надеж за Нормални луѓе?
  • Ќе стават ли Нормални луѓе Бугари во Уставот?

Интригантни теми…

А душа дало и за тизери по портали:

  • Погледнете ги листите на Нормални луѓе за Советот на Скопје, НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА!?!!?!

А згодно е и за секојдневниот политички живот и за единство на партијата… Зашто, незгодни се вести од типот:

  • Функционерот Стојко Стојков истапи од Нормални луѓе
  • Нормални луѓе се спукаа за министерски функции

Исто така, името е многу незгодно за политичките противници и ривали. Замислете вакви изјави или партиски соопштенија:

  • СДСМ нема намера да соработува со Нормални луѓе!
  • ВМРО-ДПМНЕ: НИКАКО во коалиција со Нормални луѓе!
  • ДУИ не сака да отстапи функции на Нормални луѓе!

А добро е дури и за секаков неуспех. Да речеме вака:

  • Нормални луѓе не влегоа во Собранието
  • Нормални луѓе одат во опозиција
  • Нормални луѓе нема да учествуваат на овие избори

И поразот делува некако утешно, нели?

А сега сме токму во таква фаза, иако формално-правно немаме „Нормални луѓе“.

Е некој ќе каже, па немаме ние во државата нормални луѓе, за да имаме „Нормални луѓе” во политиката, но тоа не е никаков аргумент.

И држава немаме, па што?

Поврзани содржини