ШТО НЕ МОЖЕЛО ВО НЕГОВО ВРЕМЕ, МОЖЕ СЕГА! Ковачевски за песимизмот на Црвенковски дека ќе влеземе во ЕУ
Во негово време изгледаше неостварливо да бидеме членка на НАТО и да бидеме земја која преговара за членство во Европската Унија – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Коментирајќи го неодамнешниот настап на поранешниот претседател на државата и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека тој извршувал високи функции 13 години и учествувал во носење многу одлуки, но тогаш некои работи изгледале неостварливи, а сега Македонија, според него, многу брзо ги остварува своите стратешки цели.
– Типуваа дека дека нема да станеме членка на НАТО, ние станавме. Имаше луѓе кои велеа дека нема да добиеме преговарачка рамка, па добивме. Зависи кој како гледа на работите. Во негово време изгледаше неостварливо да бидеме членка на НАТО и да бидеме земја која преговара за членство во Европската Унија – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Ковачевски го коментираше и видувањето на Црвенковски, кој во својот настап меѓудругото рече дека „ЕУ нема став што ќе прави со себе во иднина, а не пак да прима нови членки од Западен Балкан“.
Според Ковачевски, Црвенковски ги гледа работите од своевремена перспектива кога во негово време изгледало невозможно да се постигне договор со Грција.
– Јас верувам ние до 2030 година дека ќе ги затвориме преговорите. Ако ја погледнете изјавата на Урсула фон дер Лејен која ја кажа после нашата средба, и таа зборуваше за отворен пазар и помош за кандидатите за членство во ЕУ. На секој состанок со ЕУ ние истакнуваме дека разликата во парите кои ги добиваат земјите членки и кандидатите е многу голема и дека треба да се намали за да се намали и јазот помеѓу земјите. Тоа беше корисно излагање од Црвенковски и со должна почит ги следам активностите на бившите претседатели – истакна Ковачевски.