ШТО ЛИ ПУШИ НЕТАНЈАХУ? Иранскиот министер кажа неколку работи за премиерот на Израел

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, иронично го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, обвинувајќи го дека „откако Иран ги срамни тајните објекти на Израел, Нетанјаху побара спас кај својот татко – Доналд Трамп“.

1,228

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, остро го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху преку социјалните мрежи, потсмевајќи му се за неговите барања и посочувајќи на, како што ги нарече, повторените неуспеси во Газа и во однос на Иран, објави Индија тудеј.

Коментарите на Аракчи доаѓаат откако Нетанјаху изјави дека Иран не смее да произведува ракети со дострел поголем од 480 километри.






Аракчи одговори со остар пост на социјалната мрежа Икс, велејќи дека израелскиот премиер нема право да поставува услови на Иран по, како што рече, „серија неуспеси и погрешни проценки“.

„За секој убиен научник има по 100 негови ученици“

Во својата објава, Аракчи ја доведе во прашање кредибилноста и намерата на Нетанјаху, повикувајќи се на војната во Газа и на израелските напади врз иранската нуклеарна програма.

„Нетанјаху вети победа во Газа пред речиси 2 години. Крајниот резултат: воена кал, налог за апсење за воени злосторства и 200.000 нови регрути во Хамас“, напиша Аракчи.

Осврнувајќи се на нуклеарната програма на Иран, Аракчи додаде:

„Мислеше дека може да избрише 40 плус години мирни нуклеарни достигнувања. Но, секој од десетиците ирански академици, што ги убија неговите платеници, обучи по 100 и повеќе ученици. Тие ќе му покажат што знаат“.

Тој го обвини Нетанјаху дека се обидува да ги прикрие воените неуспеси на Израел и сугерираше дека израелскиот лидер побарал помош од сојузниците по иранските ракетни напади.

„Се наметнува едно прашање…“

Аракчи алудираше на американскиот претседател Доналд Трамп кога му се потсмеваше на Нетанјаху за тоа што бара надворешна поддршка. Во објавата, Аракчи напиша:

„Откако жално потфрли во сите свои цели за војна со Иран и мораше да побегне кај ‘татко си’ откако нашите моќни ракети ги срамнија со земја тајните израелски објекти – кои Нетанјаху сè уште ги цензурира – тој сега јавно диктира што САД треба или не треба да кажат и прават во разговорите со Иран“.

Аракчи додаде:

„Освен фарсата дека Иран ќе прифати што било од барано лице за воени злосторства, се поставува неизбежното прашање: што точно пуши Нетанјаху? И ако не пуши ништо – што точно знае Мосад за Белата куќа?“

Оваа жестока размена доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Иран и Израел околу иранската нуклеарна програма. Израел долго тврди дека Иран развива нуклеарно оружје – тврдење што Техеран го негира.

Конфликтот започна на 13 јуни, кога Израел изведе изненадувачки напад врз ирански нуклеарни и воени објекти. Израел соопшти дека нападот бил неопходен за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Иран остро ги негираше обвинувањата и возврати со напади со дронови и со ракети врз израелска територија.

На 22 јуни, и САД се вклучија во конфликтот, изведувајќи ракетни и воздушни напади врз 3 ирански нуклеарни локации. Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ги уништиле тие објекти. По 12-дневен конфликт, Трамп на 23 јуни објави прекин на огнот меѓу Израел и Иран.

ПРИМИРЈЕТО ВО ГАЗА Е МАСКА?! Протече таен план на Нетанјаху – Израел пак ќе удри по 60 дена

Поврзани содржини