„ШТО И ДА НАПРАВИШ ЌЕ ТИ НАЈДАТ МААНА“ Мицкоски во одбрана на одлуката на ДИК
Не знам што треба да направиме за некои луѓе конечно да бидат задоволни. Кога имаше бројка, не им чинеше. Сега има само два потписа, пак не им е доволно. Како и да го свртиш, крај не им се фаќа – изјави Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на критиките кои се појавија по најновата одлука на Државната изборна комисија (ДИК) – независните кандидати за градоначалници и советници да можат да се појават на гласачкото ливче со само два потписа.
– Не знам што треба да направиме за некои луѓе конечно да бидат задоволни. Кога имаше бројка, не им чинеше. Сега има само два потписа, пак не им е доволно. Како и да го свртиш, крај не им се фаќа – изјави Мицкоски.
Премиерот потсети дека оваа измена не е произволна одлука на Владата, туку резултат на уставна обврска.
– Ова е реакција на одлука на Уставниот суд. Тоа се институционални процеси, а не политички трикови – додаде тој.
Одлуката на ДИК доаѓа откако Уставниот суд поништи делови од Изборниот законик кои бараа високи прагови за поддршка на независни листи.
Според новите правила, доволни се два потписа – што значително ја олеснува кандидатурата за оние без партиска поддршка.
Но, токму тоа отвори лавина реакции – некои аналитичари предупредуваат на можен хаос на гласачките ливчиња, со огромен број „лажни“ кандидати, кои би можеле да ги збунат гласачите.
Мицкоски, сепак, смета дека целата врева е политички мотивирана.
– ДУИ е во опозиција по 20 години и тешко го поднесува тоа. Се обидуваат со трикови и инсинуации да направат притисок и повторно да станат дел од власта – рече премиерот, додавајќи дека Владата останува фокусирана на реформите, а не на политичките калкулации.