ШТО Е ШТО ВО СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА? Регулаторите објаснуваат каде одат парите од фактурите на граѓаните
Од РКЕ велат дека граѓаните плаќаат вкупен надоместок за електрична енергија и поради тоа независно дали станува збор за електрична енергија како стока или за користење на системот, како услуга, но забуната на граѓаните доаѓа од тоа што сега во фактурите ги имаат издвоено двата надоместока, зашто порано тие биле прикажани заедно.
Тарифата за дистрибуција на електрична енергија е неколкукратно поголема од цената за потрошена електрична енергија во ниска тарифа (евтина тарифа), па затоа се случува износот на надоместокот за потрошена електрична енергија и надоместокот за дистрибуција на електрична енергија понекогаш да се многу блиску еден до друг, или можат да бидат и повисоки, појаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика, по реакциите на граѓани дека плаќаат повеќе за пренос и дистрибуција отколку за потрошена струја.
– Кај оние потрошувачи коишто имаат значителна количина на потрошена електрична енергија во евтина тарифа, надоместокот за користење на системите може да биде и повисок од надоместокот за електрична енергија – појаснуваат од Регулаторната комисија.
Оттаму велат дека граѓаните плаќаат вкупен надоместок за електрична енергија и поради тоа независно дали станува збор за електричната енергија како стока, или за користење на системот, како услуга, но забуната на граѓаните доаѓа од тоа што сега во фактурите ги имаат издвоено двата надоместока, зашто порано тие биле прикажани заедно.
– Почнувајќи од 1 јули 2022 година повеќе не се користи единствена цена за електрична енергија односно надоместокот за потрошена електрична енергија и надоместокот за користење на дистрибутивниот систем се раздвоени. Ова е направено со цел поголема транспарентност на цените и тарифите односно потрошувачите правилно да се информирани и да знаат за што и по која цена плаќаат – појаснуваат од РКЕ.
Од Комисијата тврдат дека надоместокот за пренос и дистрибуција не е приход на ЕВН Хоме, туку на операторот на дистрибутивниот систем „Електродистрибуција“ (двете се фирми ќерки на ЕВН) што е регулирано со членот 9 од тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај донесен во јули годинава.
Според овој тарифен систем и со одлука на РКЕ за одобрување на регулиран максимален приход, регулирана просечна тарифа и тарифи за пресметковни елементи за вршење на регулираната енергетска дејност дистрибуција на електрична енергија на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, надоместокот за пренос и дистрибуција, универзалниот снабдувач (ЕВН ХОМЕ) го наплаќа од потрошувачите за операторот на дистрибутивниот систем Електродистрибуција и го издвојува на неговата сметка. Цената на надоместокот е утврдена според тарифен систем донесен од Регулаторната комисија за енергетика.
– Вкупниот износ во фактурата за испорачана електрична енергија што потрошувачите го плаќаат на универзалниот снабдувач претставува збир на надоместоците за електрична енергија и надоместоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија – појаснуваат од РКЕ.
Од Регулаторна потсетуваат дека сега фактурите за струја имаат нов изглед и во нив се издвоени потрошената струја, надоместокот за пренос и дистрибуција и другите давачки пропишани со закон (даноци, комунална такса и др.). Новата фактура за домаќинствата ги содржи: активна енергија ВТ (по блокови), активна енергија НТ, мрежарина ВТ, мрежарина НТ, ДДВ 5% и комунална такса.
Претходно, надоместокот за пренос и дистрибуција не се прикажувал во сметките, односно се прикажувал заедно со потрошената струја.
Надоместокот за користење на преносниот и дистрибутивниот систем се добива како производ од потрошената енергија и тарифата за пренос и дистрибуција, според Одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за Електродистрибуција и изнесува 3,3742 денари за киловат потрошена струја (висока и ниска тарифа).