Што е подобро мораториум или грејс период за плаќање на кредитите?

Банакарите веќе понудија услови за одлагање на плаќањето на кредитите со грејс период од 6 месеци, почнувајќи од април 2020, a заклучно со септември 2020 година за кредитите.

2,035

Најголем дел од банките веќе ја претставија понудата за одложување на отплатата на кредитите за граѓаните и фирмите и одговорија на Уредба со законска сила за начинот на промена на договорните услови за кредитни изложености кај банките и штедилниците.

Понудените услови на банките јавноста ги пречека со реакција дека одлагањето ќе ги поскапи кредитите, односно ќе ги зголеми ратите, а во меѓувреме им се пресметуваат и камати за периодот на одлагање. Најголемиот дел од граѓаните, па и економисти и претставници на партиите, бараат целосно замрзнување на кредитите за сите односно целосен мораториум.






На реакциите вчера се обиде да одговори министерката за финансии Нина Англеовска со тоа дека и покрај мораториумите на кредитите во земјите кои ги воведоа каматите не се бришат, одложуваат или простуваат комплетно. Но, тоа не ги задоволи граѓаните кои во основа се плашат дека поради кризата ќе останат без плати и нема да можат да ги плаќаат кредитите.

Банкарите веќе понудија услови за одлагање на плаќањето на кредитите со грејс период од 6 месеци, почнувајќи од април 2020, a заклучно со септември 2020 година. Слични или исти услови нудат и за кредитните картички и дозволеното пречекорување. Рокот за изјаснување од 10 дена на граѓаните тече. Дадени се и начините како да се прифатат или не овие услови, што пак е уредено и со Уредбата донесена од владата.

Од банкарската фела советуваат пред да одлучите како да постапите со нивната понуда е потребно добро да се пресметате и да размислите. Советот е да се прифати пролонгирањето на плаќањето на кредитите само доколку вашата плата е драстично намалена, или доколку поради кризата останете привремено без месечни приходи. Спротивно, доколку очекувате редовни примања, подобро е да не го прифатите одложувањето и да ги плаќате ратите.

Економистите, пак, велат дека реакцијата на граѓаните покрај стравот од тоа дека нема да успеат да ги плаќаат ратите на кредитите бидејќи им се заканува отказ или да не ги примат платите, произлегува и од фактот што не се доволно информирани за значењето на термините „мораториум“ и „грејс период“ и како при понудата на мораториум и на грејс период се плаќаат ратите на кредитите.

Што е мораториум, а што грејс период?

Мораториум е законски одредено одлагање, односно поместување на рокот за плаќање на долгови во вонредни услови. Во оваа ситуација целосно се замрзнува кредитот, не се плаќа ниту пресметува ништо и по периодот утврден со мораториумот се продолжува по старо, односно како што било претходно.

Грејс период, пак, е временско одложување на одредена финансиска обврска, обично за долгорочен кредит. Овој поим го опфаќа периодот од моментот кога банката го исплаќа кредитот до уплатата на правата рата од страна на корисникот. Додека трае грејс периодот, корисникот на долгорочниот кредит нема обврска да отплаќа дел од главнината, туку само каматата на месечно ниво. Каматата што се пресметува додека трае грејс периодот се нарекува интеркаларна камата и таа би требало да биде пониска од каматата што ќе се пресметува во текот на периодот на отплата на кредитот.
Грејс периодот ја зголемува месечната рата, бидејќи во пократок временски период ќе треба да се отплати долгот. Од друга страна, грејс периодот не го поскапува кредитот, туку само го скратува периодот на отплата на главнината.

 

Поврзани содржини