ШТО ЌЕ НИ СМЕНИ СВЕТСКИОТ КЛИМАТСКИ САМИТ? Храната ќе поскапе, ќе плаќаме еко-даноци и ќе возиме хибриди
Кога глобално ќе зажежи, веројатно нема да ги чекаме нашите локални влади и општини за да ставиме соларни панели и топлински пумпи на крововите, а веројатно ќе почнеме да садиме зеленило на разни начини. Рестрикциите на сечење дрва во Амазон ќе значат трговски дефицит на палмино масло, а тоа повлекува скапи цени на храната и светска криза. Сепак, светот не се откажува од зелената агенда. Некои земји како Франција решија јагленот да го заменат со нуклеарна енергија, а во некои како Англија, ќе се плаќа еко-данок на сите продукти.
Лидерите на земјите во светот на СОР26 самитот во Глазгов пробаа да се разберат околу климата, нафтата, јагленот и загадувањето, а нивните одлуки како да се далечни за Македонија. Светските големци сепак успеаја донекаде да си ветат некои нешта, а беше обновен и Парискиот договор. Заложбата дека до 2030 година ќе се намалат емисиите на CO2, дека нема да надминеме 1,5 степен затоплување и дека полека ќе се откажуваме од јагленот и нафтата значат само едно – поскапа храна, воведување еколошки даноци и нова трка по хибридни и електрични возила кои ќе ја променат нашата економија.
Статија на Би-Би-Си открива како одлуките на COP26 самитот ќе го обликуваат нашиот живот и нашиот џеб во следните децении.
Поскапа храна?
Повеќе од 100 земји се потпишаа на Декларацијата на лидерите во Глазгов за шуми, која има за цел да го запре уништувањето на шумите до 2030 година. Значи, построги мерки за сечење на шумите во земјите како Бразил и Индонезија за производство на работи како што се соја, говедско и палмино масло кои потоа се увезуваат и консумираат во побогатите, развиени нации.
Сето ова може да стави крај на ерата на евтина храна.
– Потрошувачите неизбежно ќе треба да апсорбираат дел од овие трошоци ако сакаме да ја испорачаме Декларацијата COP26 – со плаќање повеќе и трошење помалку – вели Тоби Гарднер од Институтот за животна средина во Стокхолм.
Ако цените на храната станат многу високи, сепак, може да се врати на сцена уништувањето на шумите, макар и на нелегален начин.

Јаглеродна еко-такса за секое испуштање CO2
Воведувањето на еко-такси изгледа како добра идеја да се намалат емисиите, но тоа има и контрефект: бизнисите кои ќе мораат да го компензираат изгубеното ќе ги покачуваат цените. Иако тоа изгледа нереално во Македонија во овој момент, за јаглеродни даноци се размислува во Европа.
Во Велика Британија, планот е цената на емисиите на јаглерод што биле испуштени за да се произведе продуктот да се додава на цената што ќе ја плаќаат луѓето да го купат, без разлика дали тој е произведен во земјата или не.
Како одговор на оваа заложба, некои од големи компании во Британија како Amazon, Unilever и Ikea побарале да се осигураат дека товарните бродови што ги користат за испорака на стоки ќе работат на почисти горива. Но, за да се обезбеди чисто гориво треба да се зборува со големите нафтени компании, токму тие кои најмногу негодуваа на COP26 самитот.
Ќе купуваме стари хибриди и износени електрични возила
Кога сме кај откажување од нафтата, неодамна компанијата „Тесла“ на Илон Маск најави дека можно е веќе во 2023 да го произведува својот „Модел 2“ и тоа само за околу 25.000 долари, со што ќе се приближи до цената на просечен бензинец или дизел-возило. Масовната продукција на овој модел во Гигафабриката во Берлин и во Тексас во САД може да направи голема трка по купување електрични автомобили.
Предвидувањето е дека во Македонија ќе почекаме неколку години за потоа да купуваме вакви половни електрични или хибридни возила. Експертите предвидуваат дека ќе биде можно и да се закупи електрично возило, а проблем на почетокот веројатно ќе бидат малиот број на станици за полнење на автомобилите.
Десетици земји, региони и автомобилски компании на COP26 самитот се согласија да ја зголемат употребата на електрични возила и да воведат нови автобуси и камиони со нулта емисија. Во меѓувреме, други тврдат дека ни требаат помалку автомобили на патиштата. Повеќе одење и возење велосипед, исто така, може да бидат меѓу промените што ова ќе ги предизвика.
Франција и Англија јагленот го менуваат со нуклеарки, Македонија размислува
Повеќе од 40 земји се потпишаа за постепено укинување на јагленот. Сличен број на земји се обврзаа да работат на тоа чистата енергија да стане најприфатлива опција за напојување на нашите домови и деловни простори.
За земји како Обединетото Кралство, ова ќе значи продолжување на движењето кон обновливи извори како што се ветерот и сончевата енергија, а можеби и повеќе потпирање на нуклеарната енергија. Македонија сè уште ја нема дефинирано својата енергетска алтернатива.
Сепак, рано е да се радуваме. На COP26 му недостигаше заложба што ќе ги обврзе најголемите светски корисници на јаглен, како што се Кина и Индија, да ја прекинат неговата употреба.
Ќе купуваме соларни панели, пумпи и ќе бараме зеленило
Кога ќе зажежи, веројатно нема да ги чекаме нашите локални влади и општини за да ставиме соларни панели и топлински пумпи на крововите, а веројатно ќе почнеме да садиме зеленило на разни начини. Ќе се градат или реновираат куќи со материјали кои се алтернатива на цемент и бетон за да не испуштаат толку CO2.
Архитектите веќе во оваа деценија ќе треба да размислуваат како нашите згради и улици да бидат способни да го издржат сегашното и идно влијание на климатските промени. Ова значи зголемување на зелениот простор во и околу нашите домови за да ги апсорбира екстремните врнежи, инсталирање „кул покриви“ што ја рефлектираат сончевата светлина и спречуваат прегревање или воведување ролетни за домовите да можат да издржат урагански ветрови.

Вашата пензија и инвестициите би можеле да се движат
Повеќе од 400 финансиски институции, кои контролираат околу 130 трилиони долари од приватни финансии, се согласија на COP26 да обезбедат повеќе пари за зелена технологија.
Тоа значи дека големите пензиски друштва ќе се залагаат за инвестирање на вашите пари во поеколошки сектори. Ќе им дадете ли?
Има и добра вест. Тоа е дека големите земји се согласија да ги субвенционираат помалите земји во борбата со загадувањето. Идејата е дека големите земји имаат свој удел во причините за загадувањето, бидејќи големите компании се наоѓаат кај нив, иако мерењата покажуваат дека загадувањето е секогаш поголемо во посиромашните земји.
Ќе ни се смени размислувањето?
Од сите ефекти на COP26, веројатно е дека ќе бидеме сведоци и на промена во нашиот начин на размислување. Д-р Стефани Содеро од Универзитетот во Манчестер вели дека целта да се држиме до 1,5 степени, над кои научниците велат дека климатските влијанија ќе станат поопасни и непредвидливи, може да нè поттикне да размислуваме како колектив.
– На терен, во заедниците во Обединетото Кралство, па и пошироко, младите активисти, мислам дека ќе вршат постојан и интензивен притисок да се испитаат сите одлуки за управување, од локалниот транспорт до националната енергија, низ објективот на климатските промени – вели таа.