Што е битно? Да се дупи итно!
За нас законите ќе важат, а за „Бехтел и Енка“ нема да важат. Барем не така како што важат за нас. Они нема да плаќаат даноци и давачки. Како ние, будалите. Они нема да се секираат за археолошките остатоци и за сличните глупости. Ич нема да му се мислат за шумите. Ебаве шумкарите неизделкани! А сите ние ќе работиме шест дена во неделата, додека седмиот ден ќе им ги посветиме на Господ и на „Бехтел и Енка“.
Многу се радувам за „Бехтел и Енка“.
И честитам, од срце.
Честитам за ова жестоко пробивање на хименот на нашиот систем, за кој погрешно верувавме дека е невин и неопитен, дури и компромитиран по таа основа, а всушност бил само – неефикасен.
Честитам за ова дупење у мал мозок.
Нема друг начин да се опаметиме. Тоа ме радува.
И тоа што ќе има работа за сите нас. Таму во коридорите. Во тунелот. Усред мрака…
Е сега, што е право, право е. Не можеме сите да работиме исто. Кој за што учел, нели.
Едни ќе пробиваат. Ќе дупат.
Други ќе вршат надзор.
Трети, истражувачките новинари, ќе разоткриваат корупција.
Четврти, обвинителите и судиите, ќе реагираат по допрен глас.
Петти, надобудните амбасади, ќе нѐ караат и ќе прават црни листи.
Ние другите… Ќе гледаме сеир.
Важно е пара да се врти и за секого да има по нешто.
Затоа сум толку радосен.
Во поделбата на улогите во таа нова општествена реалност и при поделбата на трудот и на пленот, нели, ќе има и за мене едно мало залче.
Фалаааа! Фалеминдерит шум! Тенкјуууу!
Не се жалам, бидејќи факт е дека јас објективно не би можел толку многу да се радувам колку што се радуваат моите колеги од три наши медиуми, на пример, кои, како што слушам, добиле секој по 300.000 евра или долари, за да се борат против корупцијата. Можеби и повеќе…
Три стотки по медиум, не по истражувачки новинар, да бидам прецизен, за да не ме обвини некој за ширење лажни вести.
Некој злобен би можел да се посомнева дека и овие грантови се корупција по себе, но тоа е така само затоа што тој некој, ете, не може да ги види придобивките од она што сега ни се случува.
Многу луѓе навистина не можат да ја видат големата слика. Не ја гледаат шумата од дрвата.
И затоа не знаат да се радуваат.
Не разбираат дека сега ќе се дупи на ангро, коридорите ќе се пробиваат, патот ќе се гради.
Ејјј!
Та нели тоа беше најважното?
Добро, јас се сеќавам дека во овие шест и кусур години, откако СДСМ е на власт, кога не им беше важно да изградат барем 2 километри автопат, се обидоа да ја убедат јавноста дека изградиле 1.000 километри експресни и регионални патишта. Тие километри уште се мистерија, никој не знае каде се, но не можеме да ги видиме само ние што не ја гледаме големата слика и шумата од дрвата, ние што не знаеме што е важно и што не знаеме да се радуваме.
Во овие години многу се зборуваше и за тоа дека треба да се сочува и да се окрупни земјоделското земјиште. Секој човек и секоја парцела беа важни. На пример, еден убаво изграден мост не беше пуштан во употреба, токму поради недовршените процеси на експропријација. Тогаш велеа дека било важно сето тоа да биде според законот, да нема оштетени, да има живот за сите.
Тогаш се кажуваше дека не може да дупи и да гради кој како ќе му текне. Дека мора да се почитуваат законите, процедурите и институциите.
Ах да, ќе заборавев… Многу ни беа важни и шумите. Зелените површини, општо земено. И зелените агенди. Што и да значеше тоа.
Ни беше важен биодиверзитетот. Био… Тешко е да се изговори тој збор, ама кога успевавме да го изговориме, ние знаевме дека сме кажале нешто многу важно. Како мисица кога зборува за глобалното затоплување или за светскиот мир…
Ни беше важно и археолошкото богатство скриено под земја. Заради него некогаш се менуваа и трасите на патиштата. Добро, тоа у Грујово доба…
Се сеќавам, многу се зборуваше и за тоа дека сите економски оператори треба подеднакво да плаќаат даноци и давачки за вработените. И се тврдеше дека е голем срам тоа да не го прават големите странски компании, кои треба да им служат за пример на нашите нејаки домашни фирми и гранапчиња.
Конечно, да не заборавиме и еден многу важен момент од нашата понова историја – со голем ентузијазам недела ја прогласивме за неработен ден и така направивме уште еден голем исчекор кон Европа.
Мореее, колку сме биле глупави!
Абдали!
Ептен за дупење сме биле!
Ете, затоа сега сум радосен, зашто на утрешната седница на парламентот, пратениците по итна постапка ќе нѐ ослободат од сите тие будалштини и лаги.
Поточно, нема да нѐ ослободат нас, туку ќе го ослободат конзорциумот „Бехтел и Енка“, за да може тој слободно да дупи и да ни ги пробива коридорите.
За нив не важеа тендери мендери. Они работат само со директни спогодби. Бидна директна спогодба.
За нив сега ќе се сменат девет закони. По скратена постапка. Утре, понеделник, 10 април. Од 11 часот до пауза за маренда.
Дупиииии!
Итноооо!
Бидејќи е битно!
Знаете ли што е битно? Да се дупи итно! Да се пробијат коридорите!
Значи…
За нас законите ќе важат, а за „Бехтел и Енка“ нема да важат. Барем не така како што важат за нас.
Они нема да плаќаат даноци и давачки. Како ние, будалите.
Они нема да се секираат за археолошките остатоци и за сличните глупости. Удри багерот и бркај работа!
Ич нема да му се мислат за шумите. Ебаве шумкарите неизделкани!
А сите ние ќе работиме шест дена во неделата, додека седмиот ден ќе им ги посветиме на Господ и на „Бехтел и Енка“.
Како што е ред. И поредок. Светски!
Ете, драги мои, затоа многу се радувам.
Се радувам повеќе од Артан Груби.
Се радувам, бидејќи јас одамна немам видено системот да функционира вака ефикасно.
Сите постапки – скратени.
Сите прсти кренати против – ќе се скратат.
Сите сомнежи – ќе се отфрлат.
А кога сме кај сомнежите…
Најмногу од сѐ, всушност, се радувам што воопшто нема да има сомнежи и нема да се поставуваат непријатните прашања за некакви ризици од корупција.
„Бехтел и Енка“ и корупција?! Ма бегај таму…
Читам, се наоѓа овде-онде по некоја партија и по некоја граѓанска платформа да се побуни. Но, тие се бедни ултраши и анархисти, нели.
За мене е најбитно што јас нема да морам да го поставувам прашањето дали тука има нешто сомнително. Некое дупче недодупено. Некаква корупција. Не дај боже.
И да сакам да прашам, ете не морам. Што ми можете?!
Има кој мора да прашува, бе!
Има медиуми и истражувачки новинари коишто се платени, со стотици илјади евра или долари странски пари, за да откриваат корупција.
Како што има медиуми и граѓански активисти кои зеле и земаат милиони евра од странски фондови за да се борат за ЕУ и за Бугари во Уставот.
Е они ќе завршат работа за тие прашања!
А ние другите?
Ние ќе гледаме сеир. И ќе се радуваме. Ќе известуваме радосно за секој пробив. И за секое дупење. Ама баш за секое ново дупче во хименот на нашиот закржлавен и заостанат систем.
А што ни преостанува друго?
ПС. За да нема недоразбирања, да појаснам дека глаголот дупи во оваа колумна е употребен во неговите основни, а не во неговите преносни значења. Дигиталниот речник на македонскиот јазик дефинирал четири основни значења на овој глагол:
1. Прави, отвора дупка во нешто(англиски: pierce, албански: shpoj) 2. Работи со игла (англиски: stitch, албански: thur) 3. Глочка, набива (англиски: prick, албански: shpoj), и 4. Подбуцнува добиток за да се движи побрзо; подбуцнува некого да направи нешто. (англиски: spur, албански: shpoj). Значи, молам да се има предвид основното значење на глаголот. Речникот дефинирал уште пет преносни значења, кои се ирелевантни за овој текст. Кој сака да научи повеќе, нека повели на следниот ЛИНК.