ШТО БИ ЗНАЧЕЛ ТЕХНИЧКИОТ БАНКРОТ КОЈ МОЖЕ ДА ГИ СНАЈДЕ САД? Поголема криза од 2008 година, поспора економија од времето на пандемијата

Акциите на Американците ќе паднат третина. Во суштина американските граѓани ќе изгубат 12 трилиони долари, а 7,4 милиони луѓе ќе останат без работа. За цела петтина ќе се зголемат трошоците за домување за секој Американец. А потоа, кризата може да се префрли на остатокот од светот.

659

Американците се сѐ поблиску до  1 јуни, Денот Д кога државата може да влезе во технички банкрот полош од економската криза од 2008 година. Ако нема договор меѓу Републиканците и Демократите во Конгресот за кревање на долгот на плафонот, САД нема да можат да го исплаќаат својот јавен долг, своите административци и доверители, но тоа ќе предизвика економска криза во светот посериозна од онаа во 2008 година како што предупреди Воли Адејемо, американскиот заменикот-министер за финансии.

САД нема да можат да си го платат сопствениот државен долг од 31,5 трилиони долари. Зошто е тоа овојпат тешко? Кревањето на неговиот лимит е нешто кое, на пример, три пати се случувало во времето на Доналд Трамп.






„Подобро сега отколку подоцна“, напиша Трамп на социјалните мрежи и изврши притисок врз Републиканската партија да омекне во своите барања. Републиканците бараат да се почитува закон кој претходно го донесоа тие во Претставничкиот дом, а кој вели дека за да се зголеми плафонот на долгот за 1,5 милијарди долари, мора да се намалат други државни трошења и тоа за 4,8 милијарди долари. Сега Демократите не се согласуваат со делови од овој закон.

Дополнително, Републиканците сметаат дека Законот за намалување на инфлацијата кој го донесе владата на Бајден „најголемата фискална грешка во историјата“ бидејќи наместо проектираните 384,9 милијарди долари тој ќе ги чини Американците 1054 милијарди. Сега борбата е дали можат да се отпишат некои делови од законот, барем оние за зелените климатски промени, за кои пак Демократите толку цврсто се фатиле.

Но, ако нема договор до 1 јуни, не инфлација, туку САД ќе влезе во застој наречен рецесија. Сѐ може да успори. Процените на економистите се мрачни, пишува Си-Ен-Ен. Изгледа малку, но рецесија значи дека за 10 отсто ќе се намали целата економска активност во една од најбогатите економии.

САД беа во слична ситуација во 2011 година кога беа блиску до неплаќање. Ова ќе го заглави и Волстрит. Тоа веќе го забавува тргувањето на берзата. А сега ефектите се комбинираат со глобалната криза, рецесија и инфлација поради ефектите од војната во Украина.

Доларот би паднал, цената на нафтата би се покачила.

7,4 милиони Американци ќе останат без работа

Акциите кои ги поседуваат Американците ќе паднат за цела третина. Тоа значи дека околу 12 трилиони долари од парите на луѓето би биле збришани, анализира Мудис аналитика. Ова ќе предизвика рецесија која од САД ќе се прелее во светот, а највидлив ефект ќе биде губењето на 7,4 милиони работни места само во САД.

Од нив Калифорнија ќе изгуби 841.600 работни места, Тексас ќе отпушти 561.700 работни места и ќе има 474.700 изгубени работни места во Флорида.

Тука зборуваме за криза која би можела да трае со месеци, онолку колку што владата во САД не би можела да исплаќа средства. Владата нема да има баш добар кредитен рејтинг.

Американците ќе треба да плаќаат многу повеќе за да се задолжуваат за хипотеки, за кредитни картички, а тоа е поради зголемените државни записи.

Економија побавна од онаа во пандемијата

„Ваквите нарушувања на финансискиот пазар многу веројатно би биле поврзани со пад на цената на акциите, губење на довербата на потрошувачите и деловното работење и намалување на пристапот до приватните кредитни пазари“, напишаа во анализа Венди Еделберг и Луиз Шајнер од Институтот Брукингс.

– Недостатокот ќе ги загрози придобивките за кои работевме толку напорно во изминатите неколку години во нашето закрепнување од пандемијата. И тоа би предизвикало глобален пад што ќе нѐ уназади многу повеќе (од пандемијата) – рече во четвртокот Џенет Јелен, американски секретар за финансии на состанок на министрите за финансии на земјите од Г7.

Новата анализа од „Zillow“ проценува дека трошоците за домување во САД ќе се зголемат за 22%, при што каматата за 30-годишни хипотеки со фиксна стапка ќе се зголеми повеќее од 8%. Продажбата на куќи ќе опадне за 23%, односно четвртина помалку Американци сега ќе се решаваат да купат куќа на овој или оној начин.

– Многу од работите за кои претпоставуваме дека се дел од нашето финансиско ткиво ќе бидат уништени – изјави Рохит Чопра, директор на Бирото за финансиска заштита на потрошувачите, во интервју за Си-Ен-Ен во четвртокот.

Нема пензии и плати, нема ни субвенционирано здравство

Доколку американската влада не ги исполни своите обврски, тоа брзо ќе има големо финансиско влијание врз десетици милиони Американци. Нема да им стигнат парите на околу 66 милиони пензионери, инвалиди и други лица кои добиваат месечни бенефиции за социјално осигурување. Тоа се 25 милијарди долари месечно.

Речиси две третини од пензионерите во САД се потпираат на социјалното осигурување за половина од нивниот приход, а за 40% од примателите, исплатите сочинуваат најмалку 90% од нивниот приход.

Одложени ќе им бидат платите на повеќе од 2 милиони федерални цивилни работници и на околу 1,4 милиони членови на војската. Ќе бидат заглавени и околу 25 милијарди долари плати или бенефиции за активните членови на војската, државните служби и воените пензионери, ветераните…

Можеби најтешкиот дел ќе биде во здравството, особено кај Американците со помали примања. Тие досега ги користеа системите Медикер и Медикејд со кои државата им покриваше дел од трошоците за лекување.

 

 

 

Поврзани содржини