ШТО ЈА ОЧЕКУВА МАКЕДОНИЈА ДОКОЛКУ ГО ПОБЕДИ ИСЛАНД? Следи бараж-турнир за пласман на Мундијалот, а еве кои се можните противници

Од трите групи со по четири репрезентации, по пат на елиминации ќе бидат одредени трите победници, кои обезбедуваат пласман на СП. Бараж натпреварите треба да се одиграат на 24/25 и 28/29 март 2022 година.

1,006

По убедливиот триумф на избраниците на селекторот Милевски од 5-0 на гостувањето во Ереван, Македонија се наоѓа на една победа до најголемиот успех во историјата на мундијалските фудбалски квалификации – пласман во бараж.

Во минатото имаше класичен бараш во кој двете репрезентации играа дома и во гости и така се обезбедуваше пласманот на Мундијалот, но ова што нè очекува не е класичен бараж, туку турнир-систем, во кој ќе треба да бидеме подобри од две селекции. Македонија со ваков систем на бараж си обезбеди пласман на своето прво Европското првенство, откако во полуфиналето го победивме Косово, а во финалето со голот на Горан Пандев славевме на гостувањето во Грузија.






Разликата е што сега ќе се соочиме со екипи кои се во многу повисок слој од европскиот фудбалски поредок и кои завршиле втори во своите квалификациски групи или, пак, победиле во групите од во последното издание на Лига на нации. Попрецизно, во овој бараж-турнир ќе учествуваат 12-те второпласирани селекции од овие квалификации (меѓу нив и Македонија, ако в недела го победи Исланд), како и две екипи победнички во своите групи од Лигата на нации.

Кои ќе бидат второпласираните екипи веќе се наѕира, а во некои случаи веќе се знае, како со Шкотска и Полска, а исто така извесно е дека екипите кои ќе дојдат од Лигата на нации ќе бидат Австрија и Велс. Како што стојат работите во моментов, останатите осум второпласирани тима се: Србија, Шведска, Хрватска (или Русија), Швајцарија, Чешка, Норвешка, Македонија и Украина.

На ждрепката на 26 ноември, овие 12 екипи (или ако некоја друга успее да се пробие меѓу нив) ќе бидат поделени во два сада, носители и неносители. Поделбата ќе биде врз основа на успешноста во квалификациите, па веќе е сигурно дека Македонија би била меѓу неносителите и ќе добие противник од групата на најдобрите шест второпласирани.

Ждрепката практично ќе одреди три групи, со по четири репрезентации, кои ќе играат по принципот полуфинале-финале, како во нашиот бараж за ЕУРО 2020. Тоа значи дека во случај да го добиеме првиот меч, т.е. полуфиналето, ќе играме со победникот од друга двојка, одредена со ждрепката. Како неносител, Македонија ќе биде гостин во полуфиналето, а во случај да се пласира во финалето, ждрепка ќе одреди кој ќе биде домаќинот.

Од трите групи со по четири репрезентации, по пат на елиминации ќе бидат одредени трите победници, кои обезбедуваат пласман на СП. Бараж натпреварите треба да се одиграат на 24/25 и 28/29 март 2022 година.

Поврзани содржини