ШПАНИЈА ДОСЕГА НЕМА ПРИМЕНО ГОЛ Белгија сака да ја урне најсилната одбрана на Мундијалот

Шпанија како единствена селекција без примен гол се среќава со разиграната Белгија, која верува дека може да го приреди најголемото изненадување на Светското првенство.

1

Вечерва ќе биде познат и последниот полуфиналист на Светското првенство во фудбал 2026. Во Лос Анџелес, со почеток од 21 часот, силите ќе ги одмерат европските репрезентации на Шпанија и Белгија во последното четвртфинале на турнирот.

Шпанија влегува како благ фаворит во пресметката, откако досега е единствената селекција на Мундијалот што не примила ниту еден гол. „Црвената фурија“ има четири победи и едно реми на петте натпревари, а во осминафиналето и четвртфиналето ги елиминира Австрија (3:0) и Португалија (1:0).






Селекторот Луис де ла Фуенте предупредува дека неговите избраници ги очекува најтешкиот предизвик досега.

– Белгија е исклучително квалитетен тим. Тоа се фудбалери кои се навикнати да победуваат. Нè очекува многу тежок и предизвикувачки натпревар – изјави Де ла Фуенте на прес-конференцијата.

Од друга страна, Белгија верува дека може да приреди изненадување и да го запре шпанскиот поход. Селекторот Руди Гарсија истакна дека неговиот тим нема намера однапред да се предаде.

– Свесни сме дека играме против еден од фаворитите за титулата. Шпанија има извонреден колектив и веројатно најдобар посед на топка во светот. Но, статистиката постои за да се урне. Имаме квалитет, постигнуваме многу голови и веруваме дека можеме да стигнеме до полуфиналето – порача Гарсија.

Белгијците во групната фаза ремизираа со Египет (1:1) и Иран (0:0), го совладаа Нов Зеланд со 5:1, а во нокаут-фазата беа подобри од Сенегал (3:2) и домаќинот САД (4:1).

Победникот од вечерашниот дуел ќе се сретне со Франција во полуфиналето на 14 јули, откако „триколорите“ вчера со 2:0 го елиминираа Мароко и обезбедија место меѓу четирите најдобри репрезентации на светот.

Поврзани содржини