Шолц и ЕУ без вето
Визијата што Шолц сака да ја проектира преку јакнење на европското единство е дека проширувањето на ЕУ кон Исток претставува добивка за сите што обидената Европа ја гледаат како „трн во окото“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Олаф Шолц привлекува сѐ поголемо внимание со своето засилено позиционирање во европското лидерство. Станува сѐ поочигледно дека германскиот канцелар настојува да понуди категоричен одговор на критиките на кои беше изложен Берлин поради несигурноста, двоумењето и одложувањето на германската поддршката што се очекуваше во Украина по започнувањето на руската инвазија.
Шолц сега тврди дека сака да види една поофанзивна Европа, во која Германија, од историски причини, има „посебна одговорност“ да му помогне воено на Киев, и да се заложи Украина да биде примена во членството на ЕУ. Но германскиот канцелар едновремено потенцира дека правото на вето на одделни земји-членки мора да се укине, со цел ЕУ да може да се прошири. За земји како Македонија, изложени со години на „европски“ уцени и притисоци од своите соседи, таквата порака, за жал, од поодамна е мошне испразнета од своето охрабрувачко значење.
Визијата што Шолц сака да ја проектира преку јакнење на европското единство е дека проширувањето на ЕУ кон Исток претставува добивка за сите што обидената Европа ја гледаат како „трн во окото“ на рускиот претседател Владимир Путин. Добивка која за волја на вистината во последните години беше мошне подзаборавена во центрите на моќта во Европа, вклучувајќи го, се разбира, и Берлин.
Но клучното прашање, кое е суштинско и нераскинливо врзано за судбината на натамошното проширување на ЕУ, прашањето дали да се укине правото на вето или не, силно ги бранува духовите, штом некој ќе го актуелизира. Каква моќ би имала, на пример, Бугарија во Брисел, без право на вето?
Кој, и на каков начин треба да решава во ЕУ? И дали политичката моќ во поголем обем треба да се пресели пред сè во Европскиот парламент, наместо да остане во земјите-членки? Тоа што се наметна како јасно сознание е дека многумина на Денот на Европа, 9 мај, останаа незадоволни од завршните резултати на конференцијата за иднина на ЕУ, што ја иницираше Макрон, а која потоа во својот инаугуративен говор ја вети Урсула фон дер Лајен, кога ја презеде функцијата на претседател на Европската комисија.
Незадоволството се шири во разни насоки, како, на пример, кога станува збор за предлогот да му се даде право на Европскиот парламент да предлага закони и референдуми, но и да добие зголемена моќ и решавачко влијание при усвојувањето на ЕУ-буџетот. Но посебно е ингтересен предлогот што предизвикува голема иритираност на разни места во ЕУ, а кој Шолц сега го става во фокусот на дебатата, кога е во прашање можноста за укинување на најсилното оружје што го имаат земјите-членки – правото на вето. Иднината на ЕУ-проширувањето, посебно кон Западен Балкан, но и иднината на европското единство општо земено, во услови кога многумина цврсто го држат ветото како најсилно оружје во рацете, може да биде само крајно неизвесна.
Значи, она што добива нагласено внимание како предлог за иднината на ЕУ, е укинување на барањето дека мора да се постигнува консензус меѓу ЕУ-членките во однос на прашања што се во доменот на надворешната политика. Колку може да биде оправдано една земја-членка да ги кочи другите членки и со тоа да го блокира развојот на ЕУ.
Разбирливо е дека таквите предлози се добредојдени за многумина што можеби веќе им преку глава тврдоглавоста на одделни земји-членки да посегнуваат кон вето штом ќе почувствуваат дека од нив се очекува да попуштат малку во интерес на заедничките европски интереси. Но тоа пред сè бара Унијата да внесе промени во ЕУ-договорот (уставот на ЕУ). Мнозинство во Европскиот парламент заговара такви промени, кои наидуваат на поддршка и од страна на претседателката на Европската комисија. Урсула фон дер Лајен вусшност сака барањето за консензус да биде отстрането со цел да се забрзаат процесите на донесување одлуки во ЕУ. Извесна поддршка за тоа дава и француски претседател Макрон.
Но меѓу останатите ЕУ-членки апетитите за таков радикален чекор се помали. Бугарија е една од тие земји што се спротивставува и со голем ентузијазам го прегрнува своето право на вето, застанувајќи зад мислењето дека сега не е време ЕУ да ја троши својата политичка енергија на дискусии околу промени на уставот. Се разбира тоа ни најмалку не ја спречува Софија да продолжува упорно да бара промени во македонскиот устав, борејќи се непоколебливо да ги диктира условите што ќе го одредуваат европскиот пат на нејзиниот сосед.
Поаѓајќи од несигурните геополитички состојби, Емануел Макрон, по победата во претседателската трка, продолжи со своите реформаторски идеи, предлагајќи дека е потребна уште една, проширена политичка организација за соработка во Европа. Еден вид „потенка“ и полабава Унија, што ќе ги опфати и оние земји што сè уште не се членки. Но останува да се види дали и Макрон, напоредно на тоа, ќе го турка и сознанието дека искуствата околу досегашното право на вето, посебно кога тоа се користи на деструктивен начин, не можат да придонесат за јакнење на врзивното ткиво на европското семејство и на неговата проширена политичка соработка.
Нерешителна и егоистична германска влада е лоша вест за ЕУ. ЕУ најдобро се движи напред кога Франција и Германија можат да се договорат и најдат компромисни линии, кои потоа се прспособуваат за да одговараат на мнозинството. Најчесто се смета дека најпаметниот пат оди преку Париз, за да се постигне согласност околу германско-француските предлози за тоа како би требало да функционира ЕУ. Контекстот на таквата ефикасност не може да биде подобар.
Деновиве во својот говор во Прага Шолц делумно го допре предлогот на Макрон за воведување на форум каде што лидерите од сите европски земји еднаш или двапати годишно би одржувале самити за прашања какви што се безбедноста, енергијата и климатските промени. Но секако охрабрува дека Шолц ја отфрла можноста тоа да прерасне во некаков вид алтернатива на ЕУ-проширувањето, процес кој според германскиот канцелар треба да продолжи како „добивка за сите нас“. За Балканот, се разбира, тоа може да биде само добра вест.