ШИЛЕГОВ СИ ЈА ДОГРАДУВА КУЌАТА НА ДИВО? Стоилковски тврди дека скопскиот градоначалник нема дозвола за градба
На семејната зграда во Карпош, Шилегов на диво ѝ додава цели два ката. Гради дивоградба за којашто нема ниеден основ за дозвола за градба, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој треба да го штити главниот град од бетонизација, гради зграда дивоградба во Карпош, обвини портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој вели дека Шилегов на диво додава дополнителни два ката на семејната куќа во Карпош, а како што тврди, не поседува ниеден основ за дозвола за градење.
– Петре Шилегов градоначалник на Скопје во заминување, на местото на својата семејна куќа во Карпош гради луксузна зграда, ама дивоградба. На семејната зграда во Карпош, Шилегов на диво ѝ додава цели два ката. Гради дивоградба за којашто нема ниеден основ за дозвола за градба. Ова е извадок од важечки ДУП за парцелата каде што Шилегов гради дивоградба. Тука стои висина, највисоката кота, од 8,8 метри и ништо повеќе не е легално. Тоа е во висина на соседните куќи. Според ДУП-от, наведено е приземје, еден кат и поткровје, односно П+1+Пк. За поткровје се смета страничен ѕид не повисок од 1.2 метри, исто како кај соседните куќи. Сè над тоа се смета за кат, и сè над тоа според овој ДУП е дивоградба – обвини Стоилковски.
Тој посочува дека не постои друг валиден документ со други параметри кој дозволува дополнителна градба освен доградба и реконструкција на постојната градба или евентуално нејзино рушење и добивање одобрение за градење со катност П+1+Пк.
– Надлежна институција за издавање на дозвола за градба, доградба, реконструкција е Општина Карпош, секторот за урбанизам, односно градоначалникот на Општина Карпош во заминување, Стефан Богоев. Согласно Општина Карпош, за наведената локација постои валиден детален урбанистички план со наслов „Детален урбанистички план за населба Тафталиџе 1-Тафталиџе 1 Север 1”. Ама, Шилегов врз овој кат изградил уште еден. Тоа не е кровна конструкција. Значи, врз вториот кат изградил уште еден што не е кровна конструкција. Ова е кат, покриена тераса, со што излегува над дозволеното за цели два ката. Ниеден урбанист ниту градоначалник не би смеел да издаде ваква дозвола за градба. Уште повеќе не градоначалникот на Општина Карпош за градоначалникот на Град Скопје. Уште повеќе што земјиштето, дворот, местото на куќата, е сè уште државна земја со право на користење. Не ја ни откупил, а тоа го покажува неговиот имотен лист кој вели право на користење на изградено градежно земјиште врз коешто постои зграда, не го поседува – реагираше Стоилковски.
А без тоа, додава тој, невозможно е да се земе градежна дозвола за вакво доградување.
– Шилегов тоа го знае и затоа молчеше досега за овој огромен криминоген скандал. Наместо ред, Шилегов е дел од урбаниот хаос, насилство и бесправна бетонизација. Затоа Шилегов ги толерираше четири години дивоградбите, затоа цела Македонија го следеше скандалот кај Мавровка, затоа платформите кај Матка уште стојат, и што ли уште не. Наместо борба со градежната мафија, тој гради дивоградба. Ова е скандалозно, ова е криминогено, ова е лицето на Шилегов, ова е кичот на СДСМ. И за ова се одговара, прво пред граѓаните на избори – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.