Шилегов: Ниеден Бугарин нема право да ѝ наметне нешто на Македонија
Бугарите сметаат дека на 13-ти Ноември ние сме славеле нешто поврзано со Тито. Тие сакаат да го премолчиме делот во историјата каде што е јасно дека царска Бугарија за време на Втората светска војна била соработник на нацистичка Германија, истакна скопскиот градоначалник.
Позицијата на Бугарија е непринципиелна и е надвор од принципите на функционирање на ЕУ и како таква не може да опстои подолго. Сме имале и потешки моменти и ова го гледам како една епизода од заокружувањето на целосната извесна иднина и стабилна иднина на Република Северна Македонија – истакна вечерва градоначалникот на Скопје и член на Извршен одбор на СДСМ, Петре Шилегов во гостувањето на „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
– Ако имате унифициран став на Заев, Димитров и Османи, кои се принципиелни и велат дека за овие прашања со Бугарија не преговараме, тогаш каков консензус повеќе од тоа ни е потребно. Зошто преговорите меѓу две држави треба да ги водиме јавно во Собрание? – рече Шилегов во врска со барањата на опозицијата за отворање на спорот со Бугарија во Парламентот и барањето за лидерска средба по ова прашање.
Според него, ако имате јасна позиција на главните луѓе во процесот за преговори, тогаш не ни треба декларација.
– Бугарите сметаат дека на 13-ти Ноември ние сме славеле нешто поврзано со Тито. Тие сакаат да го премолчиме делот во историјата каде што е јасно дека царска Бугарија за време на Втората светска војна била соработник на нацистичка Германија. Тоа за мене е непринципиелна позиција – посочи Шилегов
Според него, позициите што си ги постави Бугарија се неприменливи и надвор од сите рамки на меѓународното право.
– Во изминатите денови во Бугарија се искажуваа позиции кои се исклучиво навредливи за македонскиот народ. Ослободувањето на Скопје е круна на борбата на македонскиот народ за своја самостојна држава. Нелигитимно е тие на свој начин да наметнат сила на другата страна. Ниеден Бугарин нема право да наметне нешто на Македонија – додаде Шилегов.