ШИЛЕГОВ ИМАЛ „ЛАБАВ“ ПРОЕКТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА? Град Скопје вели дека реконструкцијата не е безбедна

Несигурни челични елементи, проблеми со армирано-бетонски елементи и неусогласеност на проектот се дел од забелешките кои самиот Надзор ги утврдил во неколку Записници летово при увид на состојбата на самото место.

1,409

 

Несигурни челични елементи, проблеми во елементи од армирано-бетонската конструкција која има незадоволителни параметри и неусогласеност на проектот се констатирани при реконструкцијата на Универзалната Сала во Скопје, која ја започна претходниот градоначалник Петре Шилегов, велат од новото раководство на Град Скопје во свое соопштение, велејќи дека ќе мора да ги поправаат грешките за да се обезбеди квалитетен објект.






Според Град Скопје, овие недостатоци се веќе констатирани во неколку Записници од надзорот на проектот. И самата градоначалничката Данела Арсовска била на увид на самото место, забележувајќи дека освен реконструкција на фасада и проект за кровна покривка, не постои проект за ентериер, меѓу другите забелешки.

Во продолжение, го пренесуваме соопштението на Град Скопје во целост:

„Проектот за реконструкција на Универзална сала е подготвен нестручно и непрофесионално, од страна на претходното градско раководство, кое знаело за проблемите кои постојат при изведувањето на овој проект, но истото го скриле од јавноста.

Факт е дека доколку претходниот градоначалник спровел соодветна анализа пред да се земе овој дониран проект по кој се изведуваат градежните активности, вакви проблеми немало да постојат.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска направи целосен увид во состојбата на објектот, но и во техничката документација за изведување на реконструкцијата на Универзалната сала, каде е увидено врз основа на Извештајот за активности во врска со реконструкцијата и адаптацијата на објект ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, дека проектот е во две фази, реконструкција на фасада и кровен покривач, како и реконструкција и адаптација на внатрешното уредување за кое не постои ниту проект.

Во горенаведениот извештај е наведено дека изведувачот на почетокот на самата реконструкција се соочува со низа проблеми од обемен карактер, низа на неочекувани состојби со градежно коснтруктивните елементи, постојни темели на места каде се предвидени нови конструктивни елементи, кои се уредно евидентирани од страна на надзорниот орган и се констатирани како недостатоци.

Фактите се следни:

Со Записник број 1 од 06.07.2021, е констатирано дека се појавуваат проблеми во рамки на постојната состојба на објектот, односно неусогласеност на проектот, со постојната состојба на објектот;

Со Записник број 6 од 10.08.2021 година се констатира проблем со дислокација на трафостаница, како и проблем со армирачко-бетонските конструктивните елементи;

Со Записник број 7 од 17.08.2021 година е констатирано дека првичните испитувања со склерометарот евидентираат незадоволувачки параметри на армирачко-бетонска конструкција, како и незадоволителен број на арматура во истата;

Со Записник број 16 од 12.10.2021 се констатира препорака од Надзорниот инженер за демонтирање или рушење на конструктивните елементи кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно Извештајот на ЗИМ. Одредени челични елементи се проценети како несигурни и опасни, како и елементи на чие место поминуваат новопроектираните конструктивни елементи.

Претходниот градоначалник Шилегов започнал да врши реконструкција и да спроведува проект за кој во рамки на втората фаза не предвидел ни дека е потребен ниту проект за изведување, тоа говори само за непрофесионалноста со која се терала реконструкцијата на културниот објект.

СДСМ не треба да ја лаже јавноста туку да го праша претходниот градоначалник дали 120 милиони евра за реконструкција на Универзалната сала биле потрошени на објект чиј проект за изведување не соодветствувал со изведување на проектираните градежни активности и кој сериозно може да ја загрози безбедноста на граѓаните.

Градот Скопје не само што ќе ги поправа грешките на претходното градско раководство, туку и капиталните проекти важни за скопјани ќе ги врши професионално и квалитетно, за да скопјани добијат безбедна Универзална сала, во која нема да има опасност да се сруши кровот во кој било момент и во која како културен објект ќе уживаат сите граѓани“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Поврзани содржини