Шилегов го најави „трамвајот на тркала“, но не кажа кога ќе се реализира
Брзиот автобуски превоз (БРТ) овозможува посебна траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај и е воведен во стотици градови ширум светот.
Град Скопје планира да имплементира две линии за брз автобуски транспорт. Првата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче со вкупно 12,8 километри и 21 автобуска станица и втората од железничката станица на булулеварот БИХ до булеварот Борис Трајковски во должина од 10.4 километри со 20 автобуски станици.
Оваа информација на сподели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, во колумната „Зошто на Скопје како метропола му треба брз автобуски транспорт?“ во која ги објаснува придобивките од проектот за брз автобуски транспорт (Bus Rapid Transport – БРТ) во Скопје или популарно нареченото „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“:
„Брзиот автобуски транспорт двојно го намалува времето на патување, а фреквентноста на автобусите од 3-4 минути за време на шпицот оневозможува градски гужви. Станиците на исто ниво со автобусите со рамен под овозможуваат брзо и лесно качување и слегување и целосна пристапност за патници со колички и со попреченост. Сообраќајната предност на автобусите им овозможува лесно и брзо движење низ градските сообраќајници и крстосници. Честотата, пристапноста, безбедноста, удобноста и брзината се показатели за квалитетни транспортни услуги кои ги охрабруваат граѓаните да го користат системот за јавен превоз наместо приватните возила“, пишува Шилегов.
Тој укажува дека зголемениот број луѓе кои користат јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните зашто брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава.
Брзиот автобуски превоз (БРТ) овозможува посебна траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај и е воведен во стотици градови ширум светот.
Според Шилегов, „БРТ значи ем побрз, поефикасен и побезбеден автобуски превоз, ем почиста средина и поквалитетен живот во Скопје“.