ШИЛЕГОВ ГИ ПОКАЖА ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ЗГРАДАТА Му се извинувам на своето семејство поради црната кампања што ја трпиме
Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките коишто ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје, влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство, рече скопскиот градоначалник.
Мојата семејна куќа во Тафталиџе ја изгради мојот покоен татко во 1995 година, а јас сум нејзин сопственик од 2006 година. Куќата е со приземје, прв и втор кат и покрив, а и во имотниот лист пишува дека јас сум сопственик на куќа којашто се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција и додаде дека сите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ се бескрупулозни лаги.
– Во имотниот лист пишува дека јас сум сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, што е фактичка ситуација и состојба и денеска. Ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист. Тоа е лага број еден, а лага број два е тврдењето дека Шилегов прави реконструкција без одобрение. Ова е одобрението издадено од надлежниот орган Општина Карпош во декември минатата година кога е започната реконструкцијата. Лага број три – Шилегов не е сопственик на градежното земјиште. Ова е решението за приватизација на градежното земјиште. Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките коишто ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје, влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство. Дозволете да искажам благодарност и извинување до моето семејство што успеваме сите заедно сплотени да ја трпиме оваа црна кампања за која сум свесен дека нема да престане, без оглед на фактите – рече денеска Шилегов.
Тој нагласи дека длабоко верува во демократските, но и во човечките вредности.
– Јас сум човек којшто достоинствено ќе го истрпи сето ова. Впрочем, зошто ни е политиката, ако ја загубиме човечноста. Драги мои скопјани, јас сум вашиот градоначалник и убеден сум дека тоа го знаете и го препознавате, и во оваа кампања од мене ќе слушате само како ќе ги решаваме проблемите кои што тие луѓе ни ги наталожија. Ќе победиме и на овие избори и ќе продолжиме заедно да го градиме Скопје како една поинаква приказна, Скопје како што сите го сакаме, Скопје како што сите го замислуваме – нагласи градоначалникот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера му даде рок од 24 часа на Шилегов за да покаже документи за неговата зграда, оти, во спротивно, ќе следува кривична пријава.