Колекторот за заштита на Охридското Езеро од денеска повторно е ставен во функција. Санацијата почната во декември минатата година е целосно завршена, со средства обезбедени од Владата која целосно ја презеде обврската за репарирање и одржување на системот од исклучителна важност за физичка заштита на Охридското Езеро, изјави денеска од Охрид министерката за одбрана Радмила Шекеринска и носител на листата во 5 ИЕ на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
– Наместо да ги критикуваме претходниците што ништо не направиле, ние решивме да дејствуваме. Од почетокот на мандатот Владата во целост ги покри долговите во износ од неверојатни седум милиони евра кон ЕВН. Државата целосно ги презеде гаранциите за неплатениот кредит од 280 милиони денари што беа обврска на Охрид и на Струга, а дополнително обезбедивме 4,2 милиони евра за целосна санација на Колекторскиот систем. Таа санација за спас на езерото успешно е реализирана – рече Шекеринска.
Со санацијата се прочистени километри од цевководот, инсталиран е внатрешен слој на три километри цевки на најкритичните делови од системот, а целосно се репарирани 18 препумпни станици, вклучувајќи ја и влезната пумпа во пречистителната станица. Според податоците, од критичните точки на системот во езерото и во Црн Дрим дневно се излевале осум илјади метри кубни фекалии.