Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска по повод депонирањето на Инструментот за пристапување во НАТО во Вашингтон, САД со што и официјално нашата земја станува 30. полноправна членка на Алијансата, со видео – порака им се обрати на сите припадници на Армијата, и на вработените во Министерството за одбрана.
– Денес сме победници, од денес сме НАТО. Членка на најмоќниот сојуз, на најбројната Алијанса. Зачленувањето во НАТО е наш подарок кон граѓаните, кон татковината – им порача министерката Шекеринска.
Министерката посочи дека од денес сме сојузници со армиите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, сојузници со армиите на нашите поблиски и подалечни соседи – Грција, Албанија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Црна Гора. На сите вработени во одбраната и Армијата им порача дека се дел од генерацијата која го удри печатот на НАТО.
– Покажете ги вашите емоции. Така вашите семејства, вашите деца, вашите најблиски ќе ја сфатат големината на вашата жртва, безбројните часови вежби и обуки, семинари, натпревари, учење странски јазици, учење напредни вештини, и сета надградба на вашите способности и капацитети. Затоа што сите заеднички постигнавме голем успех! – рече министерката.
Обраќајќи им се на сите старешини и цивили во Армијата, но особено на војниците кои деновиве се на терен извршувајќи задачи во поддршка на граѓаните и заштитата на нивното здравје им порача дека верува во нив, нивните капацитети и искрени желби, дека нема сомнеж дека сите предизвици, сите задачи и предизвици во иднина ќе бидат совладани, заедно и со огромен успех.
– Бидете горди на својот успех, беше чест и привилегија да се води овој тим и оваа генерација. Зборот е збор, ние од денес сме НАТО – рече министерката во обраќањето.