Шефот на пожарникарите, кој бил еден од првите којшто ѝ помогнал на принцезата Дијана по кобната несреќа во Париз, првпат зборувал за несреќата и открил што му рекла.
Ксавиер Гурмелон за „Дејли мејл“ изјави дека кога пристигнал на местото на несреќата во август 1997 година, Дијана сè уште „се движела и зборувала“.
– Таа зборуваше на англиски јазик и рече: ‘О Боже, што се случи?’. Можев да го разберам тоа, па се обидов да ја смирам. Ја држев за рака – рекол Гурмелон, кој давал изјави во полиција, но никогаш претходно не разговарал со новинарите.
Од ударот во подвозникот, за кој се проценува дека бил со околу 65 км на час, загина возачот Хенри Пол на самото место, како и тогашното момче на Дијана, Доди Фајед.
Дијана, меѓутоа, изгледала физички добро, освен повреденото рамо, се присетува Гурмелон, кој немал поим дека се обидува да ја спаси принцезата.
Дури откако и помогнал на Лејди Ди да се качи во амбулантното возило, дознал од капетанот на местото на настанот која е таа.
„Тој ми рече која е таа, а потоа ја препознав“, рече тој.
Тоа му се случило и на првиот човек кој се обидел да и помогне, лекарот Фредерик Мајлиез, кој случајно налетал на местото на несреќата, додека од забава возел дома. Тој видел дека две жртви се веќе мртви, а други две – вклучувајќи го и телохранителот на Дијана – биле тешко повредени, но сè уште биле живи.
Прво ѝ помогнал на Дијана, која седела на подот од задниот дел на Мерцедесот.
„Не крвавеше, но беше речиси онесвестена и имаше тешкотии со дишењето“, рекол тој.
„Првите неколку минути изгледаше добро, па почнав да разговарам со неа на англиски јазик, велејќи ѝ дека сум лекар и дека брзата помош е на пат и дека сè ќе биде добро“, се сеќава тој.
Тој заминал веднаш штом пристигнала брзата помош.
„И така, го напуштив местото на настанот не знаејќи кого сум лекувал“, изјавил тој за „Мејл“.
Веста дека всушност станува збор за Дијана била толку шокантна што дежурниот капелан во болницата, отец Ив-Мари Клошард-Босуе, постојано ја спуштал слушалката кога го молеле да дојде во болницата, претпоставувајќи дека станува збор за измама. Сепак, тој конечно дотрчал, сеќавајќи се дека ја видел откако била прогласена за мртва и покриена со чаршав.
– Ја видов таму за првпат. Беше целосно недопрена, без траги или дамки од шминка. Сосема природна. А, беше навистина убава жена и се чинеше дека речиси можеш да разговараш со неа – рекол тој. Веднаш помислил на нејзините два сина, принцовите Хари и Вилијам.
– Ќе мора да ги разбудат и да им кажат: ‘Готово е… Тоа е најлошото’ – се присетил тој.