Шахпаска: Беспредметно е кога децата одат во градинка, родителите да седат дома
Министерката за труд и социјална политика смета дека државата мора да функционира, системот треба да работи, економијата мора да се движи.
Одлуката на Владата за враќање на родителите на децата од нула до шест годишна возраст на работа од 23 септември е логична и очекувана, со оглед на тоа што градинките и Центрите за ран детски развој од 9 септември се отворени и имаат капацитет да ги примат децата, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа рече дека согласно Протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.
-Притоа, морам да нагласам, дека и дел од родителите што веќе ги пријавија децата, изминатата недела не ги носеа во градинка. Од тие причини Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да ги проверат родителите и да утврдат дали тие деца ќе доаѓаат во градинка. Дополнително, приоритет за згрижување во градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна. Простор во градинките има, Протоколот се почитуваа целосно, Министерството и Владата внимателно ја следат работата и затоа работниот процес мора целосно да се врати во нормала – рече Шахпаска.
Шахпаска оцени дека со отворањето на градинките и користењето на продолжено породилно боледување ја губи смислата.
-Тие родители ги чуваа своите дечиња затоа што градинките не работеа. Градинките веќе се отворени и затоа на вчерашната владина седница беше донесена одлука родилките кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство да се вратат дома – додаде Шахпаска.
Таа нагласи и дека се следат состојбите и сите одлуки се носат врз основа на темелна анализа, со вклучување на повеќе ресорни министерства, со сите чинители на општеството.
– Државата мора да функционира, системот треба да работи, економијата мора да се движи – додаде Шахпаска