ЕВРОПА ИМ ОБЈАВУВА ВОЈНА НА ПУШАЧИТЕ Цигарите ќе поскапат за 20%
Повисоките даноци би можеле да испратат „ценовен сигнал дека пушењето е навистина штетно и дека треба да се бориме против него со сите средства“.
Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, ги повикува земјите-членки значително да ги зголемат даноците на тутун. Целта на мерката е да се намали бројот на случаи на рак и да се намали товарот врз здравствените системи, дознава германски Билд.
Во документ од 196 страници, според „Билд“, Комисијата повикува на „борба против потрошувачката на тутун, вклучително и преку даночни мерки што ја намалуваат побарувачката“.
Повисоките даноци би можеле да испратат „ценовен сигнал дека пушењето е навистина штетно и дека треба да се бориме против него со сите средства“.
Според Европската комисија, зголемувањето на даноците и цените на тутунските производи е најефикасната поединечна мерка што може да ја намали потрошувачката и да ги охрабри граѓаните да се откажат од пушењето или барем да пушат помалку.
Комисијата предлага во иднина нивото на данок да се прилагодува според нивото на економски развој на секоја земја-членка, врз основа на посебен индекс.
Според проценките на Европската асоцијација на даночни обврзници, ова би значело зголемување на даноците на тутун за околу 20 проценти за Германија.
Претседателот на асоцијацијата, Михаел Јегер, предупреди:
– Очекуваме цените на цигарите да пораснат за околу 20 проценти. Ова мора итно да се запре.
Просечната цена на кутија цигари во Германија моментално е околу 9 евра (вклучувајќи ги даноците). Доколку цените се зголемат за 20 проценти, поголемите пакувања би можеле да станат поскапи за околу едно евро.
Новата директива треба да се однесува не само на класичните цигари, туку и на новите производи од тутун, како што се загреан тутун, никотинските кесички и електронските цигари. Целта е консумирањето на никотин да се направи помалку привлечно, вклучително и во таканаречените форми без чад.