СЕПАК ШТИТИ Само 167 од 416.614 вакцинирани се заразиле со корона во Македонија
Во земјава сѐ уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта во светот и во регионот, многу брзо тој може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата, велат од Министерството за здравство.
Од 416.614 лица вакцинирани со две дози, 167 лица се заразиле со ковид-19, а само 11 од нив биле хоспитализирани, соопшти денеска Министерството за здравство објавувајќи податоци заклучно со 5 август.
„Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата. Според последната анализа, во периодот од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за ковид 19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, АстраЗенека, Спутник V, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна“, соопшти Министерството.
Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење.
„Во нашата земја сѐ уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта, како во светот така и во регионот, многу брзо тој може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата“, се додава во соопштението од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека во земјата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација. Во моментов за прва доза има 80.000 вакцини од „Синовак“, 50.000 од „AстраЗенека“ и 70.000 од „Фајзер“.