Семејство од Вухан во шок итно отишло да се тестира на ковид-19 откако во ручекот што го купиле во ресторан забележале мртов лилјак. Според локалните медиуми, нивните резултати се негативни.
Семејството Чен купило тенџере со замрзната супа од свинско месо во ресторан во близина на нивната куќа во Вухан, провинцијата Хубеи, јавуваат локалните медиуми.
Таткото сам јадел дел од супата, но не забележал ништо невообичаено, изјавил неговиот син за телевизијата Хубеи. Сепак, третиот ден по купувањето, тие сакале да ја загреат и да го изедат остатокот, но се исплашиле кога во садот виделе мртов лилјак.
Локалните власти покренале истрага за ова прашање по добивањето на жалба. Но, тие не успеале да идентификуваат кога и како малиот лилјак влегол во супата, затоа што бил пронајден три дена по купувањето, изјавил службеникот за локалната тв станица.
Иако се чини дека никој не е одговорен за инцидентот, производителот на супи соопштил дека е подготвен да му плати на семејството околу 250 евра како компензација. Од ресторанот им било кажано дека замрзнатите продукти ги купиле од локален производител.