СЕМЕЈСТВО ОД СКОПЈЕ ЦЕЛА ЗИМА СЕ ГРЕЕ НА ЗРНА ОД ПЧЕНКА Супер идеја како да заштедите на пелети (ФОТО)

Тој вели дека загревањето со оваа комбинација е далеку поевтино бидејќи користи помалку пелети, а затоплувањето е дури поефикасно од порано.

5,967

Високата цена на пелетите ги натера граѓаните да размислуваат за иновативни начини на греење и најразлични комбинации за да ја намалат потрошувачката, но да не изгубат од топлината. Скопјанец ги меша пелетите со зрно од пченка и ги користи за затоплување оваа зима на целата куќа и на деловниот простор.

Тој во разговор за Плусинфо вели дека е далеку поевтино бидејќи користи помалку пелети, а затоплувањето е дури поефикасно од порано.






Но, загревањето со пелети од зрно и остатоци од пченка и друга биомаса не е непознато во светот. Во земјава ваков вид пелети нема на пазарот.

– Користам комбинација од дрвени пелети и зрно од пченка кое обично не се користи за храна на добитокот поради различни причини. Најчесто купувам расипана пченка, односно мувлосана. Ја набавувам од Кочани и ми ја носат во вреќи. Цената на ова зрно е 11 денари за килограм, значи далеку поевтино од килограм пелети кои годинава достигна и до 50 денари. За тоа дека се користи пченката за затоплување прочитав некаде и сакав да пробам дали е добро. Оваа авантура се исплати, верувајте. На нашиот пазар освен пелети од дрво моментално нема пелети за загревање од биомаса, ниту од пченка. Исто така, неколку месеци се греевме и со семки од овошје. Ги набавивме од фабрика од внатрешноста на земјава. Семки од цреши, од вишни, одлично го затоплуваат просторот, а не го загадуваат воздухот – вели нашиот соговорник.

За експертите, пелетите од биомаса не се непознати, но тие досега главно се користеле за исхрана на добиток. Од неодамна се користат и за загревање, но кај нас искуствата се речиси никакви.

– Производството на пелети од пченка за греење е поново и засега недоволно познато кај нас, но за користење на вакви суровини важно е да се има предвид сувоста на материјалот и согорувањето. Ако испушта син чад тогаш согорувањето е добро и нема големо загадување на околината, но ако согорувањето не е добро, тогаш и загадувањето е поголемо. Така е и за пченката која во овој случај се користи во комбинација со пелети – вели професорот Ристо Цицонков.

Во светот голем број земјоделци профитираат од производство на пелети од биомаса, меѓу која и остатоците и зрната од пченка. Цената на пелети од зрно од пченка по тон се движи до 1.000 долари, а најчесто се користи во Азија и во Нов Зеланд.

Познато е дека пелетите од остатоци од пченка имаат речиси идентична енергетска моќ, споредено со пелетите на дрва. Калориската вредност на пелетите од биомаса може да достигне помеѓу 3.500 и 5.500 килокалории, што е цврсто гориво со висока испарлива содржина.

Во текот на согорувањето, пелетите од пченка повеќе се ронат и создаваат повеќе пепел, споредено со дрвените пелети.

Главна предност на пелетите од пченка, според експертите, е позитивното влијание врз околината. При процесот на согорување, не се ослободуваат штетни гасови, комплетно може да се рециклираат и се обновливи.

Искуствата на производителите на ваков вид пелети, покажуваат дека при производство на пелети од биомаса најважно е да се внимава на содржината на влагата што влијае на квалитетот на пелетите од биомаса, во случајов зрно од пченица. Најсоодветната содржина на влага е 12%-18% за пелетизирање на биомаса. Ако содржината на влага во суровините е поголема од 15%, потребна е машина за сушење.

– При користењето на пелетите од пченка недостаток и друг вид биомаса е тоа што треба да вложите и во изградба на склад за пелети на пченка, специјално дизајнирани за да се избегне навлажнување – велат тие.

Производството на ваков вид пелети е поволна прилика и за земјоделците да профитираат од зрната од пченка бидејќи цената на килограм е далеку повисока од откупната цена која ја добиваат за пченката.

Притоа, освен за вложување во склад кој ќе одговара на потребите за задржување на квалитетот на пелетите и набавката на соодветна машина ќе треба да обезбедат и доволно количини суровини.

Во Бугарија земјоделци веќе размислуваат да произведуваат ваков вид пелети, но велат не можат да одговорат на побарувачката и затоа треба да се здружат.

Поврзани содржини