СЕМЕЈСТВАТА НА УБИЕНИТЕ ВАЊА И ПАНЧЕ ПОБАРАА ОТШТЕТА Се приклучија на барањето на Обвинителството за доживотен затвор за злосторниците

Правните застапници на оштетените семејства на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побараа судот да им определи правичен паричен надоместок во оваа постапка, а не да ги упати во граѓанска постапка, зашто сметаат дека тоа ќе биде дополнителна траума за семејствата.

4,116

Правните застапници на оштетените семејства на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска во судот се изјаснија дека ги прифаќаат во целост завршните зборови на Јавното обвинителство, кое побара доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, и дека се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.

Полномошникот на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, на УСБ даде податоци за отштетно побарување. Судијата не ѝ дозволи на адвокатката да прочита писмена изјава од Зорица.






Адвокатата рече дека мајката Зорица и сестрата Миња се приклучуваат кон кривичното гонење и поднесуваат писмено барање за отштета за нанесена нематеријална штета.

– Бараме солидарно да исплатат пари како што е наведено во поднесокот. Поднесовме медицинска документација. Имајќи ги предвид тешките психички последици и ненадоместливоста на изгубениот живот, сметаме дека доставеното имотно побарување е основано. Предлагаме Судот целосно да го прифати во оваа постапка, а не да ги упати во граѓанска постапка, за да нема дополнителна траума – рече таа.

Адвокатката во завршниот збор пренесе обраќање од мајката Зорица, за која рече дека се обраќа како човек кој живее со најтешката и необјаснива болка.

„Кога ќе слушнев за нешто вакво во светов на ќерките им велев дека ова во Македонија го нема. Но се случи, токму мене, на моето најмило. Ова не смее да се повтори. Никој родител не смее да го доживее ова. Да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак. Вања беше живот, со очи, со глас, со планови. Таа беше ќерка, сестра, братучетка, другарка. Имаше 14 години, се радуваше на полуматурата. Правеше планови за зимување, за летување и се подготвуваше за идните предизвици… Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште. И тоа утро, со омилената песна стана и си ја потпевнуваше. Ја испратив и ѝ реков: „Мама, се слушаме подоцна“. Тоа беше последно. Вања не ја дочека полуматурата, не отиде на патувањата со соучениците, не дочека да ги искуси предизвиците…“, прочита адвокатката од изјавата на мајката Зорица Ѓорчевска.

Полномошникот на Панче Жежовски рече дека го прифаќа целосно завршниот збор на Јавното обвинителство без никакво дополнување. Се приклучува кон прогонот и бара судот да им определи правичен паричен надоместок во оваа постапка, а не во граѓанска.

– Жежовски го познавав и судот треба да направи сѐ за вакви дела да не се повторат во нашата земја – рече полномошникот.

Двете ќерки на Жежовски, Македонка и Ана, рекоа дека се приклучуваат кон кривичниот прогон и бараат имотно правно побарување.

Следните рочишта се закажани за 18 и за 20 јуни кога треба да почнат завршните зборови на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.

 

„ОБВИНЕТИТЕ НЕ ИСКАЖАА КАЕЊЕ, НИТУ ОТКРИЈА ШТО СЀ СЕ СЛУЧИЛО“ Обвинителките побараа доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Манев и за Видевски за свирепите убиства на Вања и на Панче

Поврзани содржини