СЕМЕЈНАТА ТРАГЕДИЈА ГО ПРЕТВОРИЛА ВО ТРАГИЧАР? Романсирана приказна за Хамнет, единствениот син на Шекспир
Писателката Мери О’ Ферел ја опишува трагедијата во семејството Шекспир и како таа и покрај сите предизвици на одвоениот семеен живот, повторно ги спојува двајцата сопружници кои на свој начин се обидуваат да ја прифатат судбината и да продолжат со животот давајќи му една нова и поинаква смисла.
Како би можел да изгледа животот на Хамнет, единствениот син на светски познатниот драматург Вилијам Шекспир, кој можеби ќе стане инспирација за една од неговите најдобри трагедии? Меги О’ Ферел со својата фикција се обидела да ја доближи до читателите атмосферата во која живеело семејството Шекспир додека таткото тежнеел да успее во Лондон како театарски работник, а мајката со трите деца останала во родниот Стратфорд и чекала животот да тргне на подобро.
Иако не се сочувани повеќе податоци за животот на малиот Хамнет, британската писателка О’ Ферел во својот роман „Хамнет“ (Арс либрис, 2021) за кој ги добила наградите „Воменс прајз“ и „Бритиш бук авордс“, со својата имагинација нѐ сместува во семејниот дом во Стратфорд во епизодата кога момчето се разболува и умира од опаката бубонска чума во 1596, на 11 години. Иако неговата сестра-близначка била болна, таа закрепнува, а умира момчето, единствениот син, и тоа во отсуство на неговиот татко. Во тоа време третина од децата во Англија умирале на возраст до 10 години, но нема никаква историска потврда дека Хамнет навистина починал од чума. Хамнет и неговата сестра Џудит ги добиле имињата по Хамнет Садлер, пекар кој бил сведок при правењето на тестаментот на Шекспир и неговата сопруга Џудит, која во романот е именувана Агнес. Кога Хамнет имал четири години, неговиот татко Вилијам веќе бил лондонски драматург, а како што неговата популарност растела, така тој бил поотсутен од дома.
Романот опишува и една можна теорија за пренесувањето на чумата од Африка во Европа. Болвите скокнуваат од мајмунот на вратот на момчето морнар, од него се селат во крзното на бродските мачки, и полека-полека стасуваат до еден стаклар во Мурано, а оттаму во Англија… Кога сестрата на Хамнет, Џудит, возбудено отпакува кутија со стаклена монистра стасана од Мурано кај кројачка која ги нарачала за фустан на богата муштерика, и таа заболува од чума.
Големи се дилемите на Агнес дали сторила сѐ што можела за да го заштити синот, дали била доволно добра мајка во периодот кога требало да им биде и мајка и татко на своите три деца и истовремено да работи напорно дома и на имотот. Нема утеха за загубата на синот, а О’ Ферел ја опишува таа огромна тага мошне емотивно и трогателно. Додека мајката тагува по синот, нејзиниот сопруг таа тага ја воспева во неговите најдобри трагедии, а една од нив дури го носи името Хамлет, за кое некои теоретичари сметаат дека е поврзано со името Хамнет. Се смета дека неколку години по смртта на Хамнет, Шекспир кој во почетокот бил попознат како автор на комедии, ги напишал своите најпознати трагедии. Можеби затоа, авторката О’ Ферел посветува повеќе страници опишувајќи ја семејната трагедија и како таа и покрај сите предизвици на одвоениот семеен живот, повторно ги спојува двајцата сопружници кои на свој начин се обидуваат да ја прифатат судбината и да продолжат со животот давајќи му една нова и поинаква смисла.