СЕЛА Е ЗАГРИЖЕН ЗА РЕЏЕПИ Имаме само еден фејсбук статус, немаме ни глас ни физичко присуство на пратеникот
Најважно во моментот е и тој и неговата фамилија да бидат безбедни, а за тоа треба одговор да дадат институциите на државата - порача Села.
Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во изјава за медиумите рече дека собраниската седница не е завршена и во секој момент може да продолжи, доколку се создадат услови за тоа.
– Ова денеска што се случува е доказ за тоа што го реков пред да влезам во Собранието, дека денеска паѓа Владата и најпосле граѓаните ќе се ослободат. Во меѓувреме додека ние уште зборуваме не знаеме каде е еден пратеник, каде се наоѓа. Тоа го кажувам од човечки аспект, сите што имаат хуманост и пред да бидат политичари и пратеници, без разлика како ќе гласаат, треба да бидат загрижени дека имаме само еден Фејсбук статус, а немаме ни глас ни физичко присуство на Кастриот Реџепи. Најважно во моментот е и тој и неговата фамилија да бидат безбедни, а за тоа треба одговор да дадат институциите на државата – порача Села.
Поради немање кворум и не можност да се утврди дневниот ред, седницата за гласање доверба на Владата е прекината и како што соопшти потпретседателот на Собранието, Фадил Зендели дополнително ќе биде известено во текот на денов кога таа ќе продолжи.
При пребројувањето на пратениците беше констатирано дека на седницата присуствуваат 60 пратеници, од кои двајца се позитивни на ковид-19 и присуствуваат во скафандери.