СЕКОЕ ВТОРО ДЕТЕ ВО ПРИЛЕПСКИТЕ ГРАДИНКИ ИМА ПРОБЛЕМИ СО ГОВОРОТ Меѓу главните причини биле мобилните, таблетите и отсуството на надзор од родителите

Ситуацијата со проблемите во говорот е алармантна. Во групата на моето дете од 35 деца, 30 посетуваат логопед, вели загрижен родител чиешто дете е згрижено во прилепска градинка.

714

Секое второ дете во прилепските градинки има проблеми со говорот и потребна е интервенција на логопед. Ова го покажуваат последните тестирања на децата од 4 до 6 години, згрижени во градинките.

– Податоците се алармантни. Тестиравме околу 500 деца, згрижени во градинките и резултатите покажаа дека секое второ дете има проблеми со говорот, но за жал, во последно време и се зголемува проблемот со деца кои воопшто не зборуваат. Најчесто станува збор за една полиморфна дислалија, односно каде се опфатени фонемите и изговорот на Р, Л, потоа еден парасигматизам каде имаме замена на Ш и Ж, со С и З. Но за жал, најчесто, во последно време се појавуваат случаи на тотално отсуство на говор, една алалија каде што треба алармантно да се реагира од логопед и дефектолог – вели Даниела Пајмакоска Момироска, еден од двајцата логопеди кои работат со децата во прилепските градинки „Наша иднина“.






Според Пајмакоска Момироска, една од главните причини е – екранизацијата, или напредокот на технологијата, но и отсуството на поголем надзор на родителите над децата. Алармира на голема комуникација меѓу родител и дете.

– Живееме во нова технолошка ера, тоа е разбирливо. Но, не може да им дозволиме на децата постојано да се изложени на телевизорите, таблетите, телефоните. Отсуствува комуникацијата родител-дете. Таа комуникација мора да се засили и не смеат младите да бидат пропуштени сами на себе. Затоа главната препорака е: родители, комуницирајте со децата. Зборувајте им и кога ги земате од градинка како го поминале денот и кога сте дома со некои обврски, разговарајте, комуницирајте, одговарајте им на сите прашања на децата. Бидете упорни и кога не сакаат да зборуваат. Најдете време за своите деца – препорачува логопедот Даниела Пајмакоска Момироска, вработена во градинките „Наша иднина“ во Прилеп.

За родителот Габриела Стефаноска, чие дете на петгодишна возраст е згрижено во детска градинка, мора да се обрне внимание на проблемот и не смее да биде табу тема.

– Моето дете има проблеми со изговорот на неколку тврди согласки. Работам со логопед во градинката, а и надвор од неа. Не сакам да има проблем понатаму, ниту да биде за потсмев меѓу врсниците или пак да се појави булинг. Ситуацијата со проблемите во говорот е алармантна. Во групата на моето дете од 35 деца, 30 посетуваат логопед. Не смее ова да биде табу тема и добро е што родителите се охрабруваат. Затоа, логопедот и помошта што може да ја добијат, топло им ја препорачувам – вели Стефаноска која има дете во училиште и со кое претходно работела посетувајќи логопед.

Поврзани содржини