„СЕКОЈ ВИСТИНСКИ ВЕРНИК ТРЕБА ДА БИДЕ МИРОТВОРЕЦ“ Илинденско послание на Архиепископот г.г. Стефан
Во обраќањето по повод Илинден, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан повика на духовно обединување, борба за доблести и почит кон подвигот на светителите, илинденците и светите мисионери.
По повод празникот Илинден, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, се обрати со послание до верниците, повикувајќи на духовна будност, миротворство и почит кон подвигот на пророкот Илија, но и на сите светии, илинденци и народни херои кои го воделе македонскиот народ низ вековите.
– Од подвигот и сведоштвото на пророкот Илија, до денешен ден, минаа многу векови. Отпадништво од верата сѐ уште има, а во многу делови на светот присутни се судири и војни. Нашата Македонија, пак, продолжува да биде пред постојани искушенија, оспорувања и лажни ветувања – порача Архиепископот, нагласувајќи дека лагата, користољубието и желбата за доминација сѐ уште владеат со светот.
– Затоа секој вистински богољубец и човекољубец треба да биде миротворец, треба да биде пример во доброто – додаде г.г. Стефан.
Обраќајќи се до „возљубените потомци на славните илинденци“, Архиепископот ги цитира зборовите на Јане Сандански: „Да живееш, значи да се бориш: робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“, додавајќи дека тие зборови ја разоткриваат смислата на човечкото постоење.
– Оној кој нема слобода не може да се пројави во времето на овој свет, ниту пак може да принесе плод – ни пред историјата, ни пред Творецот. Затоа славните илинденци ја започнале својата борба, иако биле свесни за неповолната историска реалност и честите предавства – рече Архиепископот, додавајќи дека нивната жртва покажала дека Македонците не се умртвени дури и по многувековното ропство.
Тој посочи дека не е случајно што Илинденското востание е поврзано со празникот на пророкот Илија, бидејќи токму преку него се покажува дека без духовна слобода, не може да има ни национална. Првиот Илинден од 1903 бил, според г. г. Стефан, само зачеток на вториот Илинден од 1941 година, кој довел до создавање на сопствена држава на дел од Македонија.
– Третиот Илинден, од 1991 година, кога Сонцето над Македонија повторно изгреа, ја означи појавата на нашата независна и суверена држава на светската историска сцена – истакна тој.
Тој подвлече дека Македонците го прифатиле предизвикот на независноста, покажувајќи дека се достоинствен, мудар и богољубив народ.
Архиепископот порача дека секое поколение има свој предизвик и задача, денешните Македонци треба да изградат напредна и праведна заедница, со отфрлање на неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта.
– Само со чесност и слога можеме да очекуваме напредок и добробит за сите – нагласи Архиепископот.
Во завршницата од Посланието, Архиепископот потсети и на примерот на пророкот Илија и апостолот Павле, кои – и без институции и моќ – со Божјата помош ги воделе луѓето кон вистината и спасението.
– Затоа, возљубени, искрено да се молиме и мудро да ја чуваме придобивката од трите Илиндена… Бог да ја закрилува нашата Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија и да ја благословува нашата Татковина, Македонија, но и сиот свет – заврши Архиепископот, честитајќи го празникот со зборовите:
„Честит Илинден!“