СЕКОЈ ПРОПАДНАТ ТЕНДЕР И СЕКОЈ ЛОШ ПЛАН ЗА НАБАВКИ ОДЛАГА НЕЧИЕ ЛЕКУВАЊЕ Реагенсите се клучни за дијагнозата, но што кога ќе ги снема?

Повеќе проблеми предизвикуваат повремен недостиг на реагенси во јавното здравство. Македонија е мал пазар, а од разни причини тендерите често пропаѓаат. Планирањето на јавните набавки во јавното здравство не оди баш најдобро, а и контролата врз процесите од страна на јавните институции не е на потребната висина. Дури и приватните здравствени установи се соочуваат со проблеми во набавките на тестови. Има ли чаре?

415

Набавката на реагенси за дијагноза понекогаш претставува проблем за јавните здравствени установи, кој директно се одразува врз здравјето на пациентите. Особено ако долго се чека за да се воспостави дијагноза, што го одлага почетокот на лекувањето на пациентот или продолжувањето на терапијата.

Реагенсите се користат за дијагностицирање разни заболувања, за определување присуство на бактерии, паразити, како и други патогени кои предивикуваат инфективни заболувања, за откривање алергии, вршење генетски испитувања и за други намени. Нивниот недостиг го одлага дијагностицирањето на пациентите. Одложувањето на краткотрајни периоди најчесто не ја влошува здравствената состојба доколку не станува збор за итен случај, но и тогаш влијае на лекувањето и може да предизвика дополнителни компликации.






„Пнеумослајд“ немало, ама сега има

Има повеќе примери во минатото кога поради недостиг на реагенси во јавните здравствени установи не биле дијагностицирани навреме сериозни состојби кај пациенти. Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ Скопје) во 2022 година 7 месеци немал реагенс „пнеумослајд“. Вработените во микробиолошката лабораторија на ЦЈЗ Скопје тогаш немале одговор на прашањето зошто недостасувал тестот „пнеумослајд“ со кој одеднаш се детектираат 9 атипични респираторни патогени, кои причинуваат разни заболувања на дишните патишта и други компликации.

Тогаш, прашањето во јавноста за недостиг на реагенси го покренало лице со сериозни здравствени проблеми, со низа хронични заболувања и со еден бубрег. Во неговиот случај, недостигот на „пнеумослајд“ можел сериозно да се одрази на здравјето и  дијагностицирањето требало да се спроведе што побрзо.

Друг пример е недостигот на реагенси за испитување алергија на антибиотици, како и реагенси за интолеранција на глутен и на лактоза во Институтот за имунобиологија и хумана генетика во Скопје во 2019 година.

Но, каква е ситуацијата денес и дали недостигот на реагенси е честа појава во јавните здравствени установи?

Од Министерството за здравство велат дека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сега ги има сите потребни реагенси и тестови, вклучувајќи го и „пнеумослајд“.

„Во лабораторијата на ИЈЗ ги има сите потребни реагенси и се работи согласно предвидениот план и динамика. А има и доволни количини реагенси за детекција на антитела кон најчестите причинители на атипични пневмонии – пнеумослајд“, тврди Министерството за здравство, пренесувајќи го одговорот на надлежните од ИЈЗ.

Според директорката на Клиничкиот центар Битола, Елизабета Ивановска, во лабораторите на клиниката најчесто има реагенси за испитување на болести, а кога нема, недостигот на реагенси трае едно до два дена и пациентите чекаат толку време, но потоа ги добиваат реагенсите. Пациентите не се соочиле со никакви проблеми, додава таа.

Директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје, Бесим Зеќири, до објавувањето на оваа статија не ни одговори дали ЦЈЗ Скопје сега има „пнеумослајд“.

Пропаднати тендери или лошо планирање?

Повеќе фирми со групна понуда понекогаш се јавуваат на еден тендер за реагенси, но ако една фирма се повлече, тендерот пропаѓа за сите. Сите фирми мора да учествуваат додека не се склучи договорот, за да не пропадне тендерот.

– Секоја клиника прави годишен план за побарувачка, според полињата кои се дефицитарни, а за кои има голема побарувачка. Но, клиниките квартално ги повлекуваат средствата добиени од тендерите, па одеднаш не може да се повлече целата количина. Рокот на достава е 4-6 недели, но реагенсите понекогаш стасуваат за 8-9 недели. Во тој период, ако се потрошени, една клиника знае да позајми од друга, па сите клиники „клапнуваат“ и имаат помали количини од тој реагенс – тврди добар познавач на приликите за Плусинфо.

Годишниот финансиски план на јавните здравствени установи за набавка на реагенси се доставува до Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за контрола на финансискиот аспект.

– Во однос на прашањето за средства од буџетот, секоја јавна здравствена установа, вклучувајќи го и ИЈЗ, на крај на претходната година изготвува финансиски план за набавка за тековната година и тој се доставува до ФЗОМ од каде вршат редовни контроли во однос на финансиското работење – објаснуваат од Министерството за здравство.

Според директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, јавните здравствени установи можат да имаат проблем со недостиг на реагенси поради пропуст во планирањето на набавките.

– Со Законот за јавни набавки се воведе децентрализиран систем за јавни набавки, систем во кој договорните органи (во кои спаѓаат и јавните здравствени установи) се одговорни за планирањето и за спроведувањето на постапките за јавни набавки. Оттука, договорниот орган треба однапред да утврди кои стоки, услуги или работи му се потребни, а и кога треба да се набават. Треба да ги утврди потребата за финансирање или субвенционирање и најсоодветната постапка за јавна набавка имајќи ги предвид проценетата вредност и природата на предметот на набавка. Евентуалните пропусти во планирањето можат негативно да се одразат на успешното функционирање на договорниот орган – вели Хаџиев и прецизира дека здравствените установи треба да склучат договор за јавна набавка до 30 дена од нивниот конечен избор на понудувач.

Владата во 2021 година им ја олесни набавката на реагенси на здравствените установи, па тие се одговорни само да го спроведат договорот и да почнат нова постапка за склучување нов договор за јавна набавка, кога ќе имаат 30% од почетните резерви. По извршениот избор на најповолна понуда, договорниот орган писмено склучува договор за јавна набавка со понудувачот, не подоцна од 30 дена од денот на одлуката за избор.

Договорниот орган е должен да врши контрола над извршувањето на договорот за јавна набавка. Оваа законска обврска е воведена за следење на реализацијата на договорите и заради навремено отпочнување на постапки за јавни набавки и склучување нови договори, со цел за запазување на континуитетот во снабдувањето со потребните стоки, услуги или работи.

Дополнително, Владата, на седница одржана на 2 март 2021 година, ги задолжила органите на државната управа, им укажала на институциите кои немаат статус на органи на државната управа и им препорачала на единиците на локалната самоуправа во рок од 30 дена да донесат интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и за реализација на договорите. Потоа треба јавно да ги објават информациите на своите веб-страници.

– Договорните органи се одговорни само за правилното планирање, за навременото спроведување на постапките за јавни набавки, како и за следењето на реализацијата на договорите за јавна набавка, па на 70% искористеност (количинска или финансиска), треба да отпочнат со спроведување нова постапка за да склучат нов договор за јавна набавка – објаснува Хаџиев.

Дали постои контролно тело кое ги казнува здравствените установи кога немаат реагенси?

– Ние не можеме да ги казниме клиниките ако немаат реагенси, ако причината за тоа се пропаднати тендери. Навистина тоа е проблем, клиниките не може да чекаат 50 дена за реагенси, но немало ситуации пациентите да настрадале поради немање реагенси. Сепак, тој проблем е од економски карактер. Едноставно, фирмите ги повлекуваат понудите и тендерите пропаѓаат. Затоа не можеме да интервенираме, тоа не е во наша надлежност – тврдат надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Тестовите за дијагноза удираат по џебот

Доколку во државните здравствени установи нема реагенси, граѓаните најчесто бараат помош во приватните клиники. Но, некои испитувања ги нема ни во приватните клиники, бидејќи се ретки. Испитувањата за ретки болести, на пример, се скапи, а многу од нив се извршуваат само во МАНУ. Дел од тие анализи е финансиран од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), но дел не е, а МАНУ не набавува реагенси за таквите анализи. Пациентите честопати сами си ги финансираат генетските испитувања во МАНУ.

Не добивме одговор од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ во МАНУ, за деталите околу недостигот на реагенси за ретки болести, кога ФЗОМ финансиски не ги покрива. А одговор заслужува и прашањето за некои почести дијагностички анализи, како испитувања на хормонален статус и алергиските тестови, кои чинат многу.

Определувањето на конкретни алергени, кои се супстанции што предизвикуваат алергии, се тестира со алергиски панели. Овие тестирања се скапи во приватните здравствени институции. Во приватните лаборатории има неколку панели, а најчесто секој од панелите содржи 30 алергени. Тестирањето со еден панел чини повеќе од 2.000 денари по редовна цена. Иако пациентите не мора да ги извршат тестовите со сите панели, понекогаш треба да се испитаат со повеќе од еден панел, за да се опфатат повеќе алергени.

Заклучокот од нашето истражување се наметнува само по себе. Повеќе проблеми предизвикуваат повремен недостиг на реагенси во јавното здравство. Македонија е мал пазар, а од разни причини тендерите често пропаѓаат. Планирањето на јавните набавки во јавното здравство не оди баш најдобро, а и контролата врз процесите од страна на јавните институции не е на потребната висина. Дури и приватните здравствени установи се соочуваат со проблеми во набавките на тестови.

Судејќи според досегашните искуства, а и според добрите познавачи на приликите во здравството, овие проблеми не се бенигни и потребна е многу подобра организираност и подобро планирање, за ниту еден пациент да не дојде во ситуација да нема реагенс или тест за воспоставување точна дијагниоза, од која зависи лекувањето, а понекогаш и шансата да преживее.

Со овој текст, Плусинфо.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Поврзани содржини