СЕКОЈ НЕКА ГЛАСА ЗА КОГО САКА Морачанин и Милевски им даваат одврзани раце на гласачите
Ние не располагаме со гласовите на граѓаните, не е наше да повикуваме да гласаат за кого било, рече Маја Морачанин од ДОМ.
Гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг од локалните избори, рече лидерот на ЛДП, Горан Милевски.
– Добиените 30.000 гласови за ЛДП не смееме да ги изневериме, а ќе одговорам потврдно на прашањето дали остануваме во постоечкото парламентарно мнозинство, бидејќи Владата има сериозни предизвици во започнување на разговорите со ЕУ, па сметам дека е несериозно да се наруши тој пат. Според нашите сознанија од нашите партнери од Брисел, очекуваме позитивна одлука и деблокирање на процесот на европските интеграции. Мислам дека нема логика Владата да се нарушува, но повторно ние гласот на граѓаните сериозно ќе го послушаме. Како ЛДП и како ДОМ сериозно ќе разговараме со нашите партнери за продолжување на соработката – рече Милевски.
Тој посочи дека добиените 30.000 гласови ги обврзуваат нивниот глас да биде посилен во Владата и да бидат порешителни во некои одлуки кои сметаат дека се погрешни, а во изминатиов период ги премолчеле.
Сличен став дели и Маја Морачанн, претседателка на партијата ДОМ, која е во коалиција со ЛДП.
– Ние не располагаме со гласовите на граѓаните, не е наше да повикуваме да гласаат за кого било. Ние јасно кажавме дека остануваме дел од владината коалиција. Ние со нашите тројца пратеници со ЛДП не сме дел од никакво преструктуирање на парламентарното мнозинство и тоа се шпекулации. Јасно ја слушнавме и пораката, а ги слушнавме и критиките од граѓаните. Тоа покажува дека сме биле во право кога рековме дека мора да направиме промени оти тоа го бараат граѓаните. Секоја политичка партија е посебен политички субјект и нормално е секој да излезе сам на избори. Ние имаме своја програма и личности кои ќе ја спроведат таа програма и затоа излеговме заедно со ЛДП како движење, а не со СДСМ. Задоволни сме со постигнатите резултати, 26.000 гласови за нашите градоначалници не е малку – рече Морачанин во „Утрински брифинг“.