СЕКНАА ПАРИТЕ ЗА БОЛНИЦАТА ВО ШТИП Европска банка сопре 13 милиони евра затоа што бавно се гради
Во дописот од Европска банка е наведено: „Бидејќи имаме многу слаб прогрес од есента 2017 година и проектот стои, преостанатите 13,43 милиони евра коишто беа обезбедени ќе бидат прекинати“.
Европската банка го прекинала финансирањето на проектот за изградба на штипската болница, а преостанатите 13,43 милиони евра коишто се обезбедени нема да бидат исплатени поради слабиот прогрес кој што е направен во првите 18 месеци од почнување на проектот, соопшти денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата на населеното место Страчинци.
– За жал, Европската банка го има прекинато финансирањето на проектот со заклучок дека е стопиран прогресот кој што е направен во првите 18 месеци од кога е започнат проектот во февруари 2018 година. Поради тоа Европската банка сега одлучува преостанатиот дел од средствата коишто ги има обезбедено за финансирање на овој проект, а тоа е клиничката болница во Штип, коишто се во висина од повеќе од 13 милиони евра, да ги стопира, односно да не ги пренесе на Македонија за да може овој проект да биде завршен – потенцираше Мицкоски.
Тој го покажа и дописот кој го испратила Европската банка со кој се прекинува финансирањето на овој проект.
– Тоа е овој допис. Ова е дописот од Европска банка и може да го видат камерите. Во него е наведено: „Бидејќи имаме многу слаб прогрес од есента 2017 година и проектот стои, преостанатите 13,43 милиони евра коишто беа обезбедени ќе бидат прекинати“. Ова е делото на оваа влада која што не води во прогрес. Ова е прогресот на Венко Филипче и на Зоран Заев кој треба да го види македонската јавност – рече Мицкоски.
Тој направи споредба и со клиничкиот центар кој владата го најавуваше за во Скопје, а за кој сѐ уште нема ниту проект.
– Се сеќавате како драматично го најавуваа проектот за клиничката болница овдека во Скопје којшто народски кажано не се знаеше ни кој го проектирал, ни дали е проектиран, ни како ќе изгледа ни што ќе изгледа, туку се знаеше само дека цената е 500 милиони евра пари коишто ќе ги платат граѓаните и со тоа ќе го пробиевме најверојатно Гинисовиот рекорд за најскап клинички центар некогаш направен во историјата на човештвото. Но еве, имаме сега таков еден, со обезбедени пари со обезбеден проект којшто оваа власт и овој министер за здравство, за жал, не само што не го завршија после 52 месеци, туку напротив, средствата коишто ги беше обезбедила Европската банка се сторнирани – рече Мицкоски.