СЕДУМ ДЕНА ТЕНЗИЈА НА КОСОВО Вучиќ на готовс, Курти не попушта, Западот гледа
Како што соопшти РТС два авиона од типот „орел“ и денеска прелетаа над Јариње правејќи два круга. Но, половина час пред прелетот на авионите, областа каде се распоредени косовските полициски специјалци и граѓаните кои протестираат, ги прелета и хеликоптер на КФОР.
Седум дена трае голготата околу замената на регистарските таблици на косовско-српската граница, во која ниту косовските Срби, ниту пак специјалците РОСУ на косовската полиција нејќат да попуштат. Додека меѓународната заедница „гласно молчи“, како што денеска телефонски му рекол Вучиќ на секретарот на НАТО, Јенс Столтенберг, над премините Јариње и Брњак час прелетува српски авион, час хеликоптер на КФОР, јавува МИА.
– Србија ги почитува сите меѓународни договори што ги потпишала. Србија секогаш ќе се однесува одговорно и сериозно, но Србија и понатаму прашува кога ќе почне формирањето на Заедницата на српски општини и кога оклопните единици на Курти ќе бидат повлечени од северот на Косово и Метохија – додава Вучиќ.
Белград бара формирање на Заедница на српски општини
Формирањето на Заедницата на српски општини, како дел од Бриселскиот договор, е барање кое го повтори и премиерката Ана Брнабиќ од говорницата на ОН во Њујорк. Според српската страна, Србија досега не прекршила ниту еден дел од договорот или од Резолуцијата 1244.
Во телефонскиот разговор Вучиќ рекол и дека сите „одеднаш се загрижени кога гледаат српски хеликоптери и авиони на територијата на централна Србија, затоа што претпоставувам дека тие не треба да постојат или не треба да полетаат додека тоа не го одобри косовскиот премиер Албин Курти или некој од меѓународната заедница“.

Час прелетува српски, час авион на КФОР
Како што соопшти РТС два авиона од типот „орел“ и денеска прелетаа над Јариње правејќи два круга.
„По провокациите на единиците на РОСУ, кои веќе седум дена се наоѓаат на северот на Косово, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нареди зголемување на борбената готовност за дел од единиците на српската армија и Министерството за внатрешни работи“, се наведува во соопштението.
Зголемена е борбената готовност на Србија
Но, половина час пред прелетот на авионите, областа каде се распоредени косовските полициски специјалци и граѓаните кои протестираат, ги прелета и хеликоптер на КФОР.
Министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, денеска го посетија гарнизонот Рашка и гарнизонот Нови Пазар, кои се дел од силите на српската војска, кои се во прв степен на борбена готовност, јави дописникот на МИА од Белград.
– Србите треба да бидат смирени, ние се обидуваме да најдеме решение и да дејствуваме воздржано, бидејќи разбираме дека една искра може да доведе до ескалација на конфликтот што никому не му е потребна, изјави Стефановиќ недалеку од административниот премин Јариње, соопштија од Министерството за одбрана.
Србија нема да дозволи погром против Србите
Стефановиќ истакна дека Белград нема да дозволи погром против Србите, но и дека е подготвен во секој момент да разговара за деескалација на ситуацијата.
– Генералот Мојсиловиќ е во постојан контакт со командантот на КФОР. Се обидуваме да ги намалиме тензиите, но и да покажеме дека нема да молчиме на провокации. Очекувам реакција и од ЕУ и од КФОР, кој има мандат да ги штити животите на Србите, бидејќи тие се загрозени на Косово. Она што моментно се случува е целосно спротивно на Бриселскиот договор, кој очигледно за некои не важи. Осум години се обидувавме да го спроведеме Бриселскиот договор, кој беше потпишан и доброволно прифатен од властите во Приштина, а гарантиран од ЕУ. И по осум години, ние немаме примена, особено оние одредби што им гарантираат на Србите нормален и полесен живот, и на кои членките на ЕУ се обврзаа како гарант на договорот – потенцираше Стефановиќ.
Москва со поддршка за Белград, Харченко ја посети српската армија
На покана на Стефановиќ српските сили ги посетија и амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко и пратеникот за одбрана, генерал-мајор Александар Зинченко, со цел лично да се уверат во моменталната ситуација.
Харченко ја изрази поддршката на Русија за позицијата на Белград, која е насочена кон деескалација на ситуацијата во Косово.
– Во Москва оваа ситуација предизвикува голема загриженост, изјави рускиот амбасадор.
Боцан-Харченко додаде дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на состанокот на Советот за национална безбедност, го формулирал патот и чекорите кои ќе ја решат ситуацијата и кои ќе развијат нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што Русија исто така го поддржува.
Западот има двојни стандарди
Рускиот амбасадор посочи дека одговорноста за ситуацијата е на Приштина и дека вооружените сили на премините претставуваат кршење и неисполнување на договорите кои беа потпишани претходно.
Тој додаде дека на дело се провокации и закани кон Србите кои живеат во Косово, што може да предизвика нови конфликти.
Амбасадорот посочи дека постои чуден, но штетен однос на западните партнери и САД кои ги затвораат очите пред настаната ситуација, а причината за тоа се старите двојни стандарди, а сега гледаме, како што наведе, повеќе стандарди, при што Приштина и Белград се повикуваат на воздржаност и деескалација.
– Истовремено, не се прави провокација од српска страна, а однесувањето на Белград е воздржано – истакна рускиот претставник.