СЕ ЗАПОЗНАЛЕ КОГА ТАА ИМАЛА 13, А ТОЈ 47 Бракот на Менди Смит и Бил Вајман траел само две години
Менди Смит подоцна зборувала за траумата од врската со басистот на „Ролинг стоунс“, со кого се запознала на 13, а се земале кога наполнила 18 години.
Менди Смит имала само 13 години кога во 1984 година на доделувањето на музичките награди BPI го запознала Бил Вајман, басистот на „Ролинг стоунс“, кој тогаш имал 47 години. Според пишувањата за нивната врска, Вајман набрзо покажал интерес за тинејџерката, а Смит подоцна открила дека нивната интимна врска започнала кога имала 14 години.
И покрај негодувањето на дел од јавноста и луѓето од нивното опкружување, против Вајман никогаш не била покрената кривична постапка поради нивната врска. Нивната романса со години ги полнела насловните страници на британските таблоиди, а парот се венчал во 1989 година, кога Менди имала 18, а Вајман 52 години. Прво направиле граѓанска церемонија во Сафолк, а неколку дена подоцна имале и црковна церемонија во Лондон, на која присуствувале и некои од членовите на „Ролинг стоунс“.
Бил Вајман со години ја бранел својата врска со Менди Смит, а една негова изјава и денес предизвикува бројни реакции.
– Ми го одзеде здивот… На 13 години веќе беше жена – рекол тој, обидувајќи се да го објасни почетокот на нивната врска. Ваквите зборови дополнително ги поттикнале критиките од јавноста, која уште од почетокот ја сметала нивната врска за крајно проблематична поради големата разлика во годините и фактот дека Менди во моментот кога се запознале била дете.
Менди Смит пораснала во северен Лондон, а ја одгледувала самохрана мајка. Уште како тинејџерка често престојувала во ноќни клубови и во друштво на возрасни, што, според бројни написи, придонело за тоа да го запознае познатиот музичар.
Подоцна отворено зборувала за тешките последици што врската ги оставила врз нејзиниот живот. Истакнувала дека претрпела сериозни емоционални трауми и здравствени проблеми и дека со години се обидувала да го врати чувството на нормално растење, за кое смета дека ѝ било одземено.
Во интервју за „Индипендент“ во 1994 година, таа раскажала дека депресијата и здравствените проблеми ѝ предизвикале драматично губење на тежината и дека и понатаму имала кошмари поврзани со периодот поминат со Вајман.
Инаку, нивниот брак не траел долго. Двојката се разделила по околу две години, а разводот бил финализиран во 1991 година. Во тогашните извештаи како причина се наведувало неверството на Вајман. Смит подоцна добила и финансиска спогодба поврзана со разводот, вредна околу 870.000 долари, што вклучувало недвижност, готовина и покривање на дел од трошоците.
По разводот, Менди во 1993 година се омажила за поранешниот фудбалер Пат ван ден Хауе. И тој брак бил краток – парот се разделил по околу две години, а разводот бил завршен подоцна. Подоцна Менди имала врска со манекенот Ијан Мосби. Со него го добила синот Макс Харисон Мосби, роден во 2001 година.
Интересно е што животот на Менди подоцна тргнал во сосема поинаква насока. Таа се преселила во Манчестер и со сестра ѝ Никола работела во фирма за односи со јавноста. Во 2010 година, кога имала 40 години, јавно зборувала за своето искуство и за тоа дека смета оти човек на 16 години сè уште е дете. Тогаш се залагала возраста за сексуална согласност во Велика Британија да се зголеми од 16 на 18 години.
– Сè уште си дете – дури и на 16 години. Никогаш не можеш да си го вратиш тој дел од животот, детството. Јас не можев – изјавила Смит во 2010 година, зборувајќи за сопственото искуство.
Бил Вајман, пак, по разделбата со Менди се оженил со поранешната манекенка Сузан Акуста во 1993 година. Тие имаат три ќерки. Вајман го напуштил „Ролинг стоунс“ во 1991 година, а заминувањето од групата официјално било објавено две години подоцна.
Приказната добила уште понеобичен пресврт во 1993 година, две години по разводот на Менди и Бил. Синот на Вајман, 30-годишниот Стивен, се оженил со мајката на Менди, 46-годишната Петси Смит. Бракот на Стивен и Петси траел околу две години.