Се враќа животот во Австрија, Италија и во Словенија
Австриските власти најавија и дека поголемите продавници, трговските центри и фризерските салони ќе бидат отворени на 1 мај годинава, додека, пак, рестораните и хотелите би можеле повторно да се отворат на средината на мај, секако, доколку дозволат условите.
Неколку европски земји како што се Австрија, Италија и Словенија одлучија да ги намалат мерките воведени како резултат на пандемијата со коронавирусот. Па така, австриските власти денеска одлучија да им дозволат на 4.600 компании да ги отворат вратите за купувачите. Станува збор за продавници за градежна и градинарска опрема, како и за помалите фирми кои се протегаат на простор до 400 квадратни метри.
Отворањето на овие компании е овозможено со придржување до посебните мерки, а тоа е ограничувањето на бројот на купувачите во правниците, како и задолжителното носење заштитни маски и редовната дезинфекција на просторот.
Во продавниците за градежна и градинарска опрема кои не припаѓаат во категоријата мал бизнис, постојат и обврски за користење количка за пазарење со цел да се одржи растојание од најмалку едно метро помеѓу муштериите.
Онаа компанија која ќе дозволи влез на повеќе купувачи од дозволеното, ќе мора да плати казна во износ од 3.600 евра.
Супермаркетите, аптеките, трафиките, како и дрогериите работат постојано со цел да им се обезбедат потребните производи на граѓаните. Во првата фаза на постепеното попуштање на рестрикцијата, малите компании добија можност да ја отворат својата врата од 7.40 до 19 часот. Исто така, со работа ќе можат да продолжат и сервисите за автомобили, сервисите за велосипеди…
По ваквата мерка, економските експерти гледаат позитивен развој на економијата, бидејќи, како што тврдат, едномесечната рестрикција ја чинеше државата најмалку две до три милијарди евра и најмногу 6.7 милијарди евра.
Австриските власти најавија и дека поголемите продавници, трговските центри и фризерските салони ќе бидат отворени на 1 мај годинава, додека, пак, рестораните и хотелите би можеле повторно да се отворат на средината на мај, секако, доколку дозволат условите.
Поголемите продавници, трговски центри и фризери треба да се отворат од 1-ви мај, додека рестораните и хотелите би можеле повторно да се отворат од средината на мај, доколку дозволат здравствени услови, рече австрискиот канцелар.
Министерот за здравство во Австрија, Рудолф Аншобер, порача дека сега започнува втората етапа од борбата против заразата со ковид-19.
– Ова е втората етапа од борбата против коронавирусот. Станува збор за одлучувачка фаза која ќе покаже дали постепеното отворање на компаниите ќе може да биде продолжено – рече Аншобер.
Тој ги повика жителите на оваа држава да е однесуваат одговорно во таа нова етапа и умерено да ја користат можноста за пазарење.
Каква е сликата во Италија?
И во Италија, по повеќенеделната блокада поради пандемијата со коронавирусот, која во оваа земја ги однесе животите на повеќе од 20.000 луѓе, од денеска почнува постепеното отворање на компаниите.
Освен продавниците за храна и аптеките, од денеска ќе можат да работат и книжарниците и продавниците за детска гардероба.
Рестриктивните мерки за ограничено движење на луѓето во Италија се продолжени до 3 мај, меѓутоа, првиот чекор по католичкиот Велигден се однесува на постепени работни активности, иако токму таа одлука наишла на спротивставени ставови кај лидерите на некои региони.
Лидерите на Ломбардија и на Пијемонто, кои се меѓу најтешко погодените региони со ковид-19, се меѓу оние кои се спротивставуваат на одлуката на италијанската Влада, па како што најавија, книжарниците и другите помали продавници и натаму ќе останат под клуч.
Според новиот правилник кој денеска стапи на сила во Венето, граѓаните на овој град имаат должност да носат заштитни маски и ракавици, а со себе мора да имаат и гел за дезинфекција. Во Венето ќе биде дозволено и обележувањето на Денот на ослободувањето на Италија, 25 април, како и Меѓународниот празник 1 мај – граѓаните ќе имаат можност да прават скара, но само во својот двор и само со членовите на своето семејство.
Повеќе од 60 милиони граѓани на Италија повеќе од еден месец се наоѓаат во карантин кој треба да трае до 3 мај, а се очекува жителите на оваа земја да имаат поголема слобода на движење веќе од 4 мај.
И Словенија попушта
Околу 10.000 работници во словенечки компании, трговијата и услужниот сектор, од утре продолжуваат со работа, по повеќенеделната забрана поради епидемијата.
Од поголемите компании, „Gorenje Hisense“, производителот на производи за домаќинства и „Adria Mobil“, производителот на камп-приколки, ќе започнат со работа.
Според владината уредба, можат да работат и авто-механичарите, вулканизерите, поголемите градилишта, како и продавници за градежни материјали и бела-техника.
Стопанската комора предупреди денес дека работодавачите се одговорни за безбедна работа и дека тие мора да го организираат работењето според упатствата на Националниот институт за јавно здравје.
Синдикатите ги повикаа здравствените власти да ги подобрат упатствата уште еднаш за да го обезбедат здравјето на работниците, наместо да ризикуваат во корист на капиталот.
Тие ја повикаа владата, доколку е потребно, да ги прекине сите операции што не се потребни за функционирање на државата.