СЕ ВОДАТ 6 ПРЕДИСТРАГИ ЗА ТЕНДЕРИТЕ ВО ЕСМ Коцевски откри дека ОЈО Битола интензивно ги истражува набавките на јаглен и на мазут за државните електрани

Се прибираат докази, во еден дел се активирани и МВР и БЈБ со нивното Одделение за сузбивање на криминалот, така што во скоро време очекувам да имаме резултати, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

460

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски обелодени дека се водат уште 6 предистражни постапки за работењето на ЕСМ и се проверува целата документацијата за тендерите за јаглен и за мазут во државните електрани.

По отворањето на истрагата за случајот „Адитив“ во која се опфатени 23 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство и по кој е распишана меѓународна потерница, наскоро јавноста може да очекува и нови истраги.






– Еве, првпат ќе ви соопштам дека во моментов Основното јавно обвинителство Битола работи на шест постапки за тендери. Плус работи и на други, за други постапки за набавка на јаглен, мазут итн., што значи дека има доста работа. Се прибираат докази. Во еден дел се активирани и МВР и БЈБ со нивното Одделение за сузбивање на криминалот, така што во скоро време очекувам и таму да имаме резултати – изјави државниот јавен обвинител Коцевски во интервју за емисијата „360 степени“.

Тој најави и дека од 1 февруари се очекува отворање на истражен центар во Битола, кој ќе биде од голема помош за детаљно да се истражат случаите.

– Од ова што го имам како информација, ОЈО Битола интензивно работи, со полн капацитет, на овие предмети, со тоа што, од 1 февруари ќе формирам и таму истражен центар. Истражен центар останува да се формира и во ОЈО Штип, така што се надеваме дека ќе биде од голема помош – рече Коцевски.

Кон крајот на ноември минатата година беше отворена предистрага за предметот доставен до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Две недели подоцна, големата полициска акција заврши со поднесување на 23 кривични пријави за лица кои се осомничени дека учествувале во набавка на адитиви за потребите на РЕК „Битола“ и на ТЕЦ „Осломеј“, кои, не само што биле платени неколкукратно поскапо од пазарната цена, туку потоа речиси не се употребувале затоа што биле несоодветни. Има сомненија и дека адитивот предизвикал штета на машините, таму каде што бил употребен.

Поврзани содржини