Министерството за труд и социјална работа се уште ги нема добиено резултатите од обдукцијата на телото на 11-годишниот Илче од Охрид, кој беше оставен од своите родители, а потоа сместен во мал групен дом во Демир Капија, кои треба да ја утврдат причината за неговата ненадејна смрт.
– Се потрудивме да му овозможиме услови да биде сместен пристојно и да добие соодветна заштита и грижа по престојот на Клиниката за детски болести каде тој беше сместен две недели, а од 7 август беше сместен во Демир Капија во мал групен дом. Тој во малиот групен дом постојано бил под надзор од матичен лекар и има постојана здравствена заштита по излегувањето од болница. За време на престојот во домот неговата здравствена состојба била добра. Денот кога Илче почина негователката која се грижела кога видела дека наеднаш починал, повикала матичен лекар кој пак се јавил во полиција. Вклучен е и јавен обвинител и институциите постапуваат согласно закон. Беше индицирана обдукција, тоа е завршено и кога ќе ги имаме резултатите ќе знаеме која е вистинската причина за смртта – изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на мал групен дом во Скопје.