Се тестираат уште 35 лица, целта е да се стигне до сите првични контакти – тие ја шират заразата
Сега сите механизми за интервенција се на располагање во кој било момент доколку некој не се придржува до одлуките на Владата. И дополнително ќе ги заоструваме мерките ако треба. Постојат случаи кога граѓаните не ги почитуваат мерките на самоизолација, но тоа ќе биде најстрого санкционирано - нагласи Филипче.
Сега се тестираат дополнителни 35 лица, за кои ќе известиме веднаш штом ќе бидат готови резултатите. Сите пациенти се стабилни во практично непроменета клиничка слика, како на клиниката, така и во Дебар. Пациентката која што е на респираторна машина е со стабилни витални параметри, нема знаци за влошување на состојбата – изјави вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој најави дека е можно со време мерките за справување со коронавирусот и да се заоструваат но нагласи е исклучително важна улогата на граѓаните и нивната свест да ги почитуваат одлуките за да се заштитат и себеси и другите.
– Сега сите механизми за интервенција се на располагање во кој било момент доколку некој не се придржува до одлуките на Владата. И дополнително ќе ги заоструваме мерките ако треба. Постојат случаи кога граѓаните не ги почитуваат мерките на самоизолација, но тоа ќе биде најстрого санкционирано. Во оваа фаза целта е да се стигне до сите првични контакти бидејќи тие се најризичните луѓе кои можат да се во највисок процент заразени и да ја шират заразата. Тоа ќе биде целта и на дополнителното тестирање кое сакаме да го почнеме од почетокот на следната недела. Значи да се прошири на дел од асимтоматските пациенти кои се во најризичните групи. Затоа е многу важна свеста на граѓаните, посебно на оние кои биле во контакт или оние кои знаат дека можеби се во ризична група. Сметам дека тоа е исклучително важен дел во целиот систем на борба против вирусот – , нагласи Филипче.
Министерот најави и дека утре е закажан состанок со Здружението на матични лекари за да се види како да им се помогне околу набавката со заштитна опрема.
– Тие се концесионери и самите ги набавуваат материјалите за работа и лековите, меѓутоа ова е специфична ситуација и за утре е закажан состанок со Здружението на матични лекари за да направиме проценка и да видиме што се можеме да им помогнеме, рече Филипче.